Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 31-годишник, кој е осомничен за разбојништво во банка. Од Обвинителството посочуваат дека на 4 јуни, крадецот со пиштол влегол во филијала на банка на улицата „Бојмија“ во Скопје и успеал да одземе околу 43 000 евра.
Тој подоцна е фатен, а парите се вратени на банката.
„На 4 јуни, осомничениот влегол во филијала на банка на улицата ‘Бојмија’ во Скопје и со сериозна закана и употреба на огнено оружје – пиштол, загрозувајќи го животот и телото на двајца вработени во банката, одзел 2 628 901,55 денари со намера противправно да ги присвои. Веднаш побегнал од местото. По неговото пронаоѓање и лишување од слобода, пронајдени се и парите и тие се вратени на банката“, соопшти ОЈО Скопје.
Обвинителството бара судот да определи мерка притвор за осомничениот.