„Воспитните“ шлаканици на учителите наместо по лицето удираат по душата на учениците

од desk4
1,8K прегледи

Шлаканиците како воспитни методи одамна се забранети со Закон за основно образование според кој секој вработен во училиштето е должен да се грижи за најдобриот интерес на ученикот и да го почитува неговото достоинство. Децата – ученици ги штити и Конвенцијта за правата на децата. И двата документи забрануваат телесно, психичко и сексуално малтретирање, казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него. Но, во случајот со професорот по англиски јазик од основнот училиште „Панајот Гиновски“ во скопската населба Бутел, видео снимката која викендов се појави на социјалната мрежа „Тик Ток“ го покажа спротивното, дека ова законско решение е „згазено“.

На видеото се гледа дека наставникот првин му удира шлаканица на преплашениот седмооделенец, потоа го крева од земја и го спушта. За целото тоа време детето се обидува да си го покрие лицето за да се заштити од шамарите на својот „воспитувач“. Засега само просветниот инспекторат по вонредниот надзор во училиштето поведе дисциплинска постапка за наставникот, известено е и Министерството за внатрешни работи а Народниот правобранител по сопствена иницијатива отвори предмет за случајот.

Професорката по англиски јазик и волонтер на СОС телефонот за деца и млади при Првата детска амбасада „Меѓаши“ Мимоза Костовска за „Локално“ вели дека дека вознемирувачкиот настан буди бурни емоционални реакции и одбивност кон наставникот, бидејќи таквото физичко малтретирање за детето претставува стрес, траума, и непочитување на личноста.

-„Воспитните“ шлаканици  пред другарчињата, се понижување и срам кои длабоко ќе бидат врежани во душта на детето бидејќи тие  ќе го следат целиот негов живот.  Таквите мерки се и емоционален стрес од кој тешко ќе можат да се ослободат. Повреденото его на ученикот може да повлече и други психолошко – емоционални последици во неговата личност, да ја ослабне или целосно да ја изгуби својата самодоверба. Исто така може да предизвика промени во целокупниот живот на дететото – ученик. Ако наставникот имал свои лични психички и насилнички дејства или проблеми, навистина треба да се отстрани од настава за да се спречи и друг емоционален стрес кај други ученици, вели Костовска.

Според професорката Костовска и ковид пандемијата како ненадејно зло, има удел во однесувањето и на учениците и на настаниците, бидејќи во потполност ја разниша и онака не многу стабилната врска помеѓу ученик – настаник – родител. Таа посочува дека во последно време се почесто и дел од настаниците се изложени на удар и омаловажување од страна на некои ученици особено од повозрасните. Вели дека без разлика на несаканите настани и делувања во многу нешта тоа е одраз пред се на домашното (не)воспитување.

-Во последните 20-тина години откако се инсистира наставниците да имаат уредни дневни, месечни, тематски и годишни планирања, сета нивна енергија е насочено кон тоа да бидат точни и исполнителни, да ги опфатат во целост наставните содржини, да ги бомбардираат учениците со знаење и податоци кои што ќе ги заборават веднаш по завршување на часот. Само 10% од целокупниот наставен кадар работи на воспитниот елемент и води разговори со учениците. Честопати незаинтресирани за наставната материја на часот, учениците знаат да го прекинат предавањето на наставникот, да се пошегуваат па дури и да дофрлат недолични навредливи потценувачки зборови и изрази кон наставникот. Сепак наставникот треба да има доблест, да знае како да се справи со тие за среќа помалубројни „проблематични“ ученици, вели Костовска.

Доказ за тоа дека училиштата стануваат „лизгав“ терен за учениците се  големиот број на објавени видеа на социјалните мрежи од кои се гледаат жестоки борби меѓу врсниците. На темата булинг „Локално“ разговараше со волонтерот на СОС линијата за деца и млади, Александар Младеноски. Тој смета дека за да се надмине ваквиот проблем родителите секогашт треба многу внимателно да ги слушаат своите деца.

-Децата честопати не сакат да им кажат на возрасните за малтретирањето затоа што се чувствуваат засрамено. Понекогаш децата се чувствуваат како да се тие самите виновни и дека ако постапиле поинаку, тоа немало да се случи. Понекогаш се плашат дека ако насилникот дознае дека тие кажале ќе се влоши ситуацијата. Треба детето да се пофали што разговара со вас за тоа наместо да го чува во себе и да продолжи да биде малтретирано. На детето треба да му се каже дека има многу луѓе кои како деца биле малтретирани и дека насилникот е тој што се однесува лошо, а не детето. Родителите треба да ги известат надлежните во училиштето (психологот, директорот, наставникот), за да обрнат внимание на овој проблем и да се спречи булингот врз нивното дете, вели Младеновски.

Според Младеновски најчести фактори за насилно однесување помеѓу ученичките/учениците се емоционалните компоненти кои претставуваат внатрешни мотиви или одговор на ситуација на загрозеност.

-Навредувањето и исмејувањето реално можат да бидат иницијални фактори кои во одредени случаи можат да бидат воведна фаза во некој потежок облик на насилно однесување Наставниците во своите едукации се стекнуваат со свесност и вештини за справување со лутина и разрешување на конфликти, кои се основа за една зрела и професионална комуникација. Од друга страна, неказнивоста, непостоењето на механизми, законски акти и притисокот врз наставниците од страна на родителите и средината, често пати ги става и наставниците во улога на жртви на учениците и образовниот систем. Образовниот систем не развива вештини за справување со агресија, не ги учи учениците дека лутината не мора/не треба да се изрази преку насилно однесување, вели Младеновски.

За појавата на сексуално вознемирување во училиштата, Младеновски смета дека се случува со години наназад но, дека од неодамна  почнала да го добива засуженото внимание. Посочува дека  несоодветните именувања и сексуални коментари треба да бидат превенирани со едукација и на родителите и на учениците. Според него учениците се тие кои пред се ќе мора да ја научат разликата помеѓу пријателските закачки и малтретирањето и дека кога ќе се случи вознемирувањето, родителите на жртвите и сторителите треба да бидат информирани за деталите за да можат да се решат емоционалните и развојни потреби на двете страни.

Б.Т.

Слични содржини