Воведниот натпревар на ЕП 2024 меѓу Германија и Шкотска влезе во историјата на европските првенства. Ова е прв натпревар во кој во рок од 90 минути се случуваат три работи – црвен картон, досуден пенал и автогол.
Бундестимот го започна своето домаќинство на големиот форум на начин како од соништата. Избраниците на Јулијан Нагелсман го совладаа противникот со 5:1, решавајќи се во своја полза веќе во првото полувреме. Флоријан Вирц го отвори резултатот во 10. минута, а Џамал Мусиала го удвои водството на Германија девет минути подоцна.
Непосредно пред паузата, Рајан Портеус доби директен црвен картон поради грубиот удар во нозете на Гундоган во шеснаесетникот. Каи Хаверц го изведе пеналот и не погреши.
Во вториот дел домашните постигнаа уште два гола преку Никлас Фулкруг (68′) и Емре Чан (90+3′), а меѓу нив автогол си постигна Антонио Рудигер (87′).
За неколку дена Германија ќе се соочи со Унгарија, додека Шкотите против Швајцарија.