Според актуелната ѕвезда на Формула 1 тимот на Вилијамс, Џорџ Расел, спортот треба да ги промени правилата, кои им даваат огромна предност на врвните тимови по квалификациите.
Според Британецот, кој следната година ќе му се приклучи на тимот на Мерцедес, треба да се отстрани правилото кое ги обврзува пилотите кои учествуваат во третата фаза од квалификациите да стартуваат со пневматиците со кои го забележуваат најдоброто време во нејзиниот втор дел. Ова ќе го спречи трендот „богатите да станат побогати“ поради нивната способност да стартуваат со поцврсти гуми, додека другите возачи ќе бидат со покомпромитирана стратегија поради поголемата конкуренција во средината на колоната.
„Ќе биде мудро затоа што мислам дека богатите сега стануваат побогати, а сиромашните посиромашни, бидејќи најбрзите болиди имаат темпо да напредуваат во третата фаза со поцврсти гуми. Мислам дека кога болидите на средината на колоната немаат можност да се борат, за нив играта е завршена бидејќи имаат полоша стратегија. Едноставно работите ќе бидат полесни за сите“, изјави Расел.
Неговото мислење беше поддржано од пилотот на Алфа Таури, Пјер Гасли.
„Потполно се согласувам. Веќе неколку пати сме биле во ваква ситуација. Се случува да сте на прагот да продолжите или не и да морате да излезете со меки гуми. Ако успеете, знаете дека вашата трка е компромитирана. Тоа само го зголемува јазот меѓу првите тимови и оние на средината на колоната, така што се согласувам со Џорџ“, изјави францускиот спортист.
Возачите двапати годинава имаа можност слободно да ги изберат пневматиците за стартот на трката, иако квалификациите беа на сув асфалт. Ова се случи на Силверстон и Монца, каде што во саботата беа искористени за спринт квалификациите. Претстојната трка за Големата награда на Сао Паоло овој викенд ќе ја обезбеди оваа можност и за возачите, бидејќи Интерлагос ќе биде домаќин на третиот и последен спринт во годината.
Формула 1 веќе изрази подготвеност да предложи ваква промена на следниот состанок на Формула 1 Комитетот на ФИА. Во претходниот ваков обид на крајот на 2019 година, ваквиот предлог беше одбиен од врвните тимови, кои, сепак, веќе ја немаат истата моќ што ја имаа пред две години поради новата раководна структура воведена од Либерти Медиа.