21-годишниот Шукри Зекири кој пред повеќе од месец дена, со своето возило усмрти 10-годишно дете на булеварот „Никола Карев“, познат како „Пластичарска“, денеска беше осуден на затворска казна од 2 години и три месеци. Притоа тој доби и казна за управување со моторно возило во времетраење од 3 години.
Тој исто така се задолжува да ги покрие трошоците на кривичната постапка на адвокатот на жртвата и неговата мајка за ангажирање полнопомошник.
Пред два дена, возачот призна вина во Основниот кривичен суд за стореното дело. Рече дека избегал од местото на трагичниот настан од страв да не биде тепан.
-Многу ми е жал за тоа што го сторив. Се каам за тоа што го направив. Не можам да спијам. Свесно и доброволно признавам, рекол обвинетиот.
Возачот на 12-ти октомври со своето возило марка „мерцедес“ го напуштил местото на несреќата додека околните минувачи се обидувале да и помогнат на жртвата. Неуспешен бил обидот и на брзата помош да му ја поврати свеста на момчето, па откако е превезено во ургентниот центар, лекарите констатирале смрт.
Неколку часа по несреќата, полицијата соопшти дека го пронашла возачот кој избегал од местото на несреќата, а сега се сомничи за кривично дело тешки дела во сообраќајот со смртни псоледици.
Возел со 76 километри на час, и со предниот дел од возилото удрил во телото на пешакот– дете родено 2013 година кое како пешак попречно го поминувало коловозот надвор од обележан пешачки премин.