И покрај тоа што подморницата Титан на компанијата OceanGate неодамна имплодираше и со тоа предизвика смрт на пет лица, се чини дека организаторите на „патувањето“ немаат намера да се откажат од овие експедиции.
Имено, на официјалната веб-страница на OceanGate сè уште може да се видат понуди за патувања до потонатиот брод Титаник, како и други „експедиции“.
Компанијата наведува дека можете „да се распрашате за достапните датуми“, а има два датума на понуда за следната година: Првата мисија е планирана од 12 до 20 јуни, а втората од 21 до 29 јуни.
„Секоја експедиција чини 250.000 долари по лице, нуди едно подводно нуркање, приватно сместување, потребна обука и опрема за експедицијата. Максималниот капацитет на подморницата е ограничен на шест лица“, се вели во објавата.
Исто така, се нагласува дека патниците на ваквите патувања добиваат „возбудливо и уникатно искуство“.
„Подморницата не само што ќе ви овозможи возбудливо и уникатно искуство за патување, туку и ќе ѝ помогне на научната заедница да дознае повеќе за потонатиот брод и длабоката океанска средина. Секое нуркање има и научна цел, а вие можете да дознаете повеќе за нашето истражување на страницата“, се вели на веб-страницата на компанијата.
Да потсетиме, компанијата OceanGate организираше патување за пет лица, а подморницата ја загуби комуникацијата со бродот и површината по нуркањето. По неколкудневна потрага, утврдено е дека подморницата имплодирала, што за жал не оставило шанси за преживување на патниците во толку екстремни услови и на голема длабочина.
Американската крајбрежна стража соопшти дека се пронајдени и човечки остатоци, за кои се претпоставува дека најверојатно припаѓаат на жртвите од подморницата.