Возите под дејство на алкохол во Белгија? Ќе платите 1.260 евра и пред да ве казнат

од Vladimir Zorba
21 прегледи

Казните за возење под дејство на алкохол или дрога во Европа не се мали, а во една земја казната мора да се плати однапред.

Сите странски возачи кои возат по белгиските патишта под дејство на алкохол или дрога, доколку бидат фатени, веднаш ќе треба да платат депозит до 1.260 евра. Доколку не го сторат тоа, автомобилот ќе им биде запленет како колатерал, пишува Brussels Times.

Оваа мерка, која ја објави белгискиот весник Het Nieuwsblad, ја потврдија и од кабинетот на министерот за правда. Предлогот за кралски декрет првично беше претставен во 2023 година од страна на министерот за транспорт.

Одлуката, која стапи на сила на 1 јануари, ќе им оневозможи на странските државјани да избегнат плаќање казни.

Износот од 1.260 евра е минималната сума за оние кои првпат ќе бидат фатени како прекршок. Во оваа сума покрај паричната казна влегуваат и судските трошоци. Повторените престапници ќе се соочат со значително повисоки казни.

За малиот број возачи кои се ослободени, важно е да се напомене дека нивниот депозит ќе биде вратен во целост.

Оние кои нема да го платат депозитот ќе се соочат со одземање на нивните возила, првично за период од 96 часа. Доколку казната и трошоците за влечење и складирање не се платат во тој рок, возилото може трајно да се одземе. Имено, по истекот на тој рок, обвинителството донесува одлука за трајно одземање на возилото.

Во Белгија дозволената граница на алкохол во крвта е 0,5 промили, додека за професионалните возачи границата е 0,2 промили.

Секој ден во Белгија во просек 10 странски возачи се фатени како возат под дејство на алкохол и тројца под дејство на дрога. Ова, наводно, изнесува околу 10 милиони евра казни годишно, од кои многу никогаш не се плаќаат.

Слични содржини