ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Застрелан поранешниот јапонски премиер

од Stefanija Kuzmanovska
394 прегледи

Поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе беше застрелан за време на предизборен говор во градот Нара, изјави портпаролот на владата, а јавната телевизија NHK објави дека вооружениот напаѓач пукал во него од зад грб.

Главниот секретар на кабинетот Хироказу Мацуно изјави дека не ја знае состојбата на Абе по нападот, а новинската агенција Кјодо и НХК објавија дека Абе (67) бил во несвест и во состојба на срцев удар кога бил пренесен во болница.

На социјалните мрежи се појави фотографија од застреланиот поранешен јапонски премиер Шинзо Абе, на која тој е онесвестен и неговата кошула е крвава.

Поранешниот гувернер на Токио, Јоичи Масузое во твит објави дека на Абе му се прави кардиопулмонална реанимација.

Терминот често се користи пред официјално да се потврди смртта во Јапонија.

„Поранешниот премиер Абе беше застрелан околу 11:30 часот по локално време (4:30 по средноевропско време) во Нара. Еден маж, за кој се верува дека е убиецот, е приведен. Состојбата на поранешниот премиер Абе во моментов не е позната“, изјави за новинарите главниот секретар на кабинетот Хироказу Мацуно.

„Без разлика на причината, таков варварски чин никогаш нема да се толерира и ние најостро го осудуваме“.

„Ројтерс“ пренесува цитирајќи го NHK дека осомничениот ѝ рекол на полицијата дека не е задоволен од Абе и дека имал намера да го убие.

Слични содржини