Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски побара од опозицијата да покаже конструктивност и да се приклучат на историскиот момент, како што го опиша Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија. Како што вели Мицевски, возот е тргнат и може да се качат, доколку сакаат.
-Доколку го испуштат, мислам дека ова е последната станица на која може да го фатат приклучокот, рече Мицевски.
Овој договор, нагласи, не е класифициран, не се чува во четири ѕида како претходните на владата на СДСМ и ДУИ. Се’ е транспарентно, затоа што и придобивките се јавни и достапни за граѓаните.
-Повикувам на зрелост и конструктивност од опозицијата предводена од СДС и ДУИ. Ова не е договор на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Македонија, за сите граѓани. Неговото отфрлање е одење против народот и интересите на Македонија. Затоа очекувам прифаќање на подадената рака за заедништво и поврзување на Македонија. Ова не е време на поделби, на криминал и рушење на позиции. Сега е време на градење, придонесување за иднината на сите. Сега е време за Македонија, кажа координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата во Собранието.
Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство стигна во Собранието на ратификација. Предлог-законот е на денешната седница.