Возовите од денеска од 13 часот нема да сообраќаат низ земјава. Причината е бојкотот на машинскиот и извршен персонал на МЖ „Транспорт“.
Бојкотот е поради неисплатен втор дел од платата за јуни, но и за покачување на коефициентите.
Според Синдикатот на машиновозачи, железничкиот сообраќај ќе биде прекинат до исплаќање на вториот дел од платата и додека не се удоволат барањата на машинскиот и извршниот персонал доставени на 3 јули 2023 година.
На 2 ноември 2021 година е донесена Одлука согласно која, ако до 25-ти во месецот не биде исплатена во целост платата за претходниот месец, на 26-ти машинскиот и извршниот персонал почнува со бојкот и блокада на железничкиот сообраќај.
Во државното железничко претпријатие постојано има штрајкови. Последен пат, дури 12 дена штрајкуваа железничарите во април годинава, а истиот беше прекинат откако им беше исплатен вториот дел од платата за февруари.