Возовите повторно не сообраќаат, ЖРСМ тврди дека штрајкот е незаконски

од Nikola Popovski
279 прегледи

Железничкиот сообраќај попладнево од 15 часот е во целосен прекин и не сообраќаат сите патнички и товарни возови, откако машинскиот и извршниот персонал повторно го активираше бојкотот заради неисплатени материјални трошоци и прв дел од платата за минатиот месец.

Од раководството на „Железници транспорт“ денеска информираа дека ова е незаконски штрајк од страна на машиновозачите и помошниците машиновозачи во „ЖРСМ транспорт“, затоа што, како што велат оттаму, штрајкот писмено не е најавен.

Преку допис до медиумите тие наведуваат дека редовно им ги исплаќаат платите и надоместоците на вработените, иако Друштвото се соочува со намалени приходи, а во исто време и зголемени трошоци во однос на користење на електричната енергија и нафтата, што енормно ги зголемува вкупните трошоци во редовното работење.

Тие информираа дека со почетокот на штрајкот не сообраќаат сите возови во патничкиот и товарниот сообраќај и најавија дека „дополнително ќе известат кои возови почнувајќи од утре не сообраќале во патничкиот и товарниот сообраќај, со име и презиме на машиновозачот и помошникот машиновозач кои требале да ги опслужуваат тие возови“.

 

Слични содржини