Според пресметки на луѓето вработени во ЕВН кои секојдневно се на терен, околу 50 милиони евра е вредноста на украдената струја само од Скопскиот регион само за една година.
Вработен во ЕВН за МКД изјавил дека само во Општина Арачиново за една година се краде или не се плаќа струја во вредност од 6 милиони евра.
Според неофицијалните податоци на вработен во ЕВН, во февруари годинава загубите на електрична енергија само во Арачиново изнесуваат околу 80%. Трафостаницата број 6 со број 381145 поради кражба на струја бележи загуба од над 56%.
Трафостаницата број 1 со број 380396 поради кражба на струја бележи загуба од над 65%. Трафостаниците 10, 3, 8 и 9 со соодветните броила бележат загуби од 70% поради кражба на струја, трафостаниците со броеви 5, 4, 2, 13 и 11 со соодветните броила бележат загуба од над 80% поради кражба на струја, трафостаницата број 12 со број 381392 е со рекордна загуба од 96% поради кражба на струја. Сите се на територијата на Општина Арачиново.
Ова се делови од официјалните извештаи на ЕВН за оваа општина.
Или во февруари годинава во овој регион биле украдени вкупно 2.800 мегаватчасови. Тоа значи дека на годишно ниво загубата е повеќе од 20 илјади мегаватчасови. Просечната цена на берзата на струја за еден мегаватчас е 300 евра. Ова значи дека само од регионот на Арачиново вредноста на украдената струја е 6 милиони евра за една година.