Полицијата информира дека лице вработено во Институтот за јавно здравје вчера ги исклучило фрижидерите во Институтот каде што се чувале реагенсите за заразни и за незаразни болести.
-Вчера (31.07.2024) околу 17 часот во СВР Скопје од Институт за јавно здравје било пријавено дека во временскиот период од 14.30 до 16.00 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде се чувале реагенси за испитување на заразни и незаразни болести, стои во билтенот на МВР.
Излезено е на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
По повод немилиот настан, се огласија и од Јавното обвинителство, каде што итно оформиле предмет по допрен глас за да испита дали во конкретниот случај има обележја на кривично дело.
-Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија.
Се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки, а за исходот од преземените дејствија јавноста ќе биде известена, велат од ОЈО Скопје.
Се очекува со соопштение да излезат и од Министерството за здравство.