Вработени во МАЛМЕД сведочеа за работењето на Онкологија: „Барања за контрола на квалитет на лек поради сомнежи“

од Stefanija Kuzmanovska
278 прегледи

На седница на собраниската Анкетна комисија која го истражува работењето на Клиниката за онкологија попладнево сведочеше Мирјана Дончева, раководител на Секторот за инспекциски надзор и лиценцирање на лекови и медицински средства во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).

Соопшти дека немало пријава за работењето на Онкологија поврзано конкретно со последните случувања, но имало барања до МАЛМЕД за контрола на квалитет на лек поради сомнежи и за тоа било постапувано.

Дончева кажа дека се прават редовни месечни надзори, но и вонредни кога реагираат по доставени пријави и од физички и од правни лица за сомнежи во лекови или недоследности на тие што се во допир со лекови. Соопшти дека од 2016 година до денес се извршени вкупно 2.678 инспекциски надзори, од кои 1.323 редовни и 1.355 вонредни надзори.

„Иако немаме директна надлежност за контрола на работењето на клиниките, сме имале неколку надзори во повеќе клиники, меѓу кои и Клиниката за радиотерапија и онкологија, но предметот не бил контрола на работењето на Клиниката, туку сме извршиле надзор постапувајќи по одредени претставки кои сме ги добиле од правни лица дека постои сомнеж дека се прекршени одредени одредби и дека лекови се испорачани без одобрение на МАЛМЕД. Целта на надзорот била изведување докази во инспекциска постапка која се однесувала на работењето на друго правно лице. Но, како фармацевтски инспектор сум должна тие податоци да ги чувам како доверливи и класифицирани информации и не би можела да зборувам за нив“, рече Дончева.

МАЛМЕД е надлежна за контрола над правни лица (веледрогерии и аптеки) кои редовно се контролирани согласно месечниот план за работа. При вршење надзор, рече таа, целта е да се обезбедат информации каде е лекот испорачан односно кои се местата на дистрибуција за во случај на сомнеж да се повлече од промет.

Во однос на количини на испорака, рече, немаат надлежност да ги контролираат испратниците освен ако не е прецизирано и специфицирано во договорите од јавните набавки.

Елеонора Пандова, раководител на одделение, одговорна за ЕКСИМ-системот за увоз и извоз на лекови во МАЛМЕД, повтори дека не се надлежни за контрола над клиниките, туку се одговорни за квалитетот на лековите и достапноста на граѓаните до нив.

Слични содржини