Вработени во Штипскиот затвор со демант за дрогата и кучката: Нема простор за сомнеж дека некој од затворските полицајци соработувал со осуденикот

од Nikola Popovski
90 прегледи

Вработени во КПД Затвор – Штип со различна верзија на настаните со топката со дрогата и кучката Цеца, за која првиот човек на Управата за извршување санкции, Александар Пандов и директорот на Штипскиот затвор информираа пред два дена. Во демантот, вработените остро ја отфрлаат верзијата на настаните што ја презентираа директорите, нарекувајќи ја „невистинита, иронична и со циничен тон“. Според нив, јавноста била манипулирана со неточни податоци, додека реалната слика за настаните во установата била намерно сокриена.

-Во текот на ноќните часови потрагата заврши без успех, но во текот на утринските часови со самото разденување повторно е направен обид да се пронајдат предметите при што успешно е пронајдено најлонска ќеса во која ќеса е пронајдена и сомнителната прашкаста и тревкаста материја. По нејзиното пронаоѓање превземени се сите оперативно протоколарни дејствија, известен е директорот на установата, пријавен е настанот во полиција, инспектори од СВР –Штип и крим полиција пристигнаа во затворот и пронајденото е предадено за понатамошно постапување. Евидентно е целосното постапување и превземените конкретни чекори во самиот дневен извештај на затворската полиција, а со сигурност го има и во полицискиот билтен, стои во демантот на затворските полицајци испратен до М Нет-ТВ.

Тие категорично отфрлаат дека некој од затворските полицајци постапувал спротивно на законот или во корист на осудено лице, како што беше имплицирано на прес-конференцијата.

-Сакаме да напоменеме дека токму за осуденото лице Ж.Ж. директорот на установата на неколку наврати дозволува посети вон работното време со телефонски повици кон одговорниот на смена, истото е заведено во рапортните книги на установата, директорот на установата има дозволувано и вонредни пакети за истото осудено лице, но ништо од тоа не беше кажано на споменатата пресконференција, напишале вработените во КПУ Затвор Штип.

Според изјавите на надлежните, полицајци му помагале на затвореник да си ја најде дрогата. Ги прелажал дека затворската кучка Цеца му го украла скапиот часовник, па сите заедно во темнината со батерии барале низ дворот. Ова се случило крајот на февруари во затворот Штип, а за случајот извести Управата за извршување на санкциите.

Скандалот го снимиле надзорните камери. Околу 21 часот вечерта, две лица со возило ги минале капиите на затворот и не биле евидентирани од полициските службеници. Преку оградата префрлиле топка во која имало кокаин и марихуана и по телефон го известиле затвореникот пратката да ја бара во дворот. Додека пребарувал, бил пресретнат од четворица полицајци на кои им кажал дека кучката му го зела часовникот, па заедно тргнале да го бараат.

Жан Железарски осуден во случајот „Детонатор“ кој издржува казна затвор во Штипскиот затвор е затвореникот кому затворските полицајци му помагале да ја најде дрогата.

Слични содржини