Одлуката за давање субвенции за ЈСП Скопје не помина за еден глас. Веројатно во меѓувреме се јавил некој што му е криво овде што мрзнеме и ќе нема јавен градски превоз, па сака својата воздржаност да ја преточи во гласање за. Вработените остануваат тука, ќе ја чекаме дополнителната вонредна седница и тука ќе знаеме што понатаму, изјави претседателот на Синдикатот во ЈСП, Мичо Стојановски од пред бараките на Град Скопје.
По одлуката за негласање за давање пари за ЈСП, Стојановски повтори дека ќе нема јавен градски превоз. Тој е дециден дека автобусите нема да се вратат на улиците доколку денеска не се одржи дополнителната вонредна седница на Советот на Град Скопје.
Советот на Град Скопје денеска не донесе одлука за давање субвенции за претпријатието, со што вработените во ЈСП Скопје се уште не можат да ја добијат декемвриската плата. „За“ одлуката гласаа 22 советници, а 13 беа воздражни. Одлуката не ја поддржаа советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.