Вработените во подружницата ЕВН Куманово ги напуштиле работните места, жители на Оризари насилно влегле

од Nikola Popovski
377 прегледи

Жители на липковското село Оризари насилно влегле во просториите на подружницата на ЕВН во Куманово, по што вработените ги напуштиле просториите, потврдуваат од компанијата.

-Се до создавање на нормални услови за работа, Корисничкиот енерго центар на ЕВН – Куманово нема да работи, стои во кусото соопштение од ЕВН.

Од Електродиструбуција биле принудени да повикаат екипи на МВР кои веднаш пристигнале.

Ова следува откако жителите на Слупчане, но и на Оризари од општина Липково се уште немаат електрична енергија. Од ЕВН информираат дека нема да работат на санација на дефекти или да извршуваат редовни работни активности во овие села, се додека не се создадат нормални услови за работа и се загарантира сигурноста на вработените на Електродистрибуција.

Вчера слупчанци повторно ги попречиле екипите на ЕВН во нивната работа, поставувајќи нови блокади во селото. Се соочиле со вербални и физички закани од мештаните, а на терен била присутна и полицијата.

Жителите на Слупчане имаат 13 барања кои компанијата ги достави до медиумите, во кои, тие бараат да им се простат досегашни долгови кои, како што наведуваат од компанијата изнесуваат по неколку илјади евра, да добијат бесплатни нови приклучоци, без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3.000 денари, верските објекти да бидат ослободени од плаќање и слични други барања, кои додаваат од ЕВН, се спротивни на законските регулативи.

Слични содржини