Вработените во повеќе министерства утре излегуваат на протест, го бараат додатокот на плата од 30%

од Nikola Popovski
88 прегледи

Вработените во шест министерства и во Државниот завод за статистика утре излегуваат на протест, го бараат додатокот на плата од 30 проценти. Според претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, засега се очекува на протест да излезат вработените од министерствата за култура, животна средина, европски прашања, дигитална трансформација, транспорт и врски, економија и труд, како и вработените од Државниот завод за статистика.

„Во понеделник официјално ќе објавиме кој сѐ ќе учествува на протестот. Засега има шест министерства кои ќе излезат на протест, односно Министерство за култура, Министерство за животна средина, Министерство за европски прашања, Министерство за дигитална трансформација, Министерство за транспорт и врски, Министерство за економија и труд, како и вработените во Државниот завод за статистика. Барањата се потпишување на колективен договор, со којшто вработените ќе имаат 30 проценти додаток на плата“, изјави Деаноски пред неколку дена.

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, реагираше на најавите за протест. Тој изјави дека протестот е демократско право, но нагласи дека побаруваната сума е преголема.

Минчев истакна дека решавањето на прашањето за зголемување на платите зависи од достапните средства што Министерството за финансии може да ги обезбеди. „Не може преку ноќ да се надминат проблеми кои се таложеле 30 години,“ рече тој, посочувајќи дека во буџетот има „огромни дупки.“

Министерот призна дека само 30-40% од административците ја извршуваат својата работа, додека во некои институции има дефицит од кадар, а во други – превработеност. За решавање на овој проблем, ќе се спроведат преедукации за вработените со цел подобра ефикасност.

Пред неколку на протест излегоа вработените во Државното правобранителство кои бараат да биде потпишан колективен договор во кој ќе бидат предвидени додатоци на плата во висина од 30 проценти. Од УПОЗ тогаш рекоа дека штрајкуваат сите правобранителства во државата и оти тоа ќе трае сè до исполнување на барањата.

Слични содржини