Вработените во судовите сè уште не ја земале ноемвриската плата, а осум месеци чекаат на исплата на додатоците

Синдикатите предупредуваат за можен штрајк во сите судови доколку не се подобрат материјалните услови и не се реши проблемот со недостиг на кадар

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/ТВ 24

Четири судови веќе најавиле прекин на работата, а од синдикатот велат дека нема да ги спречат доколку сакаат да штрајкуваат. Сè уште не ја земале ноемвриската плата, а осум месеци наназад чекаат и на исплата на додатоците на плата. Незадоволството е велат поголемо бидејќи според Трпе Деаноски од УПОЗ над 1.400 вработени најверојатно нема да земат ниту додатоци на плати и надоместоци.

Според него, за регрес за годишен одмор се уште се чекаат математики, иако, како што вели, мора да се исплатат до 15-ти декември бидејќи тогаш ќе затвори Трезорот на Министерството за финансии.

-Оваа состојба не ја доведоа Финансии или Владата туку самиот судски-буџетски совет и самите судии. Судиите неосновано и надвор од секој разум, тужат по основ на колективни договори кои се потпишани од страна на синдикатите, рече Деаноски на прес-конференција.

Синдикатот бара итно донесување на законот за судска и јавнообвинителска служба до крајот на оваа година, да се отвори можноста од 2026 да се вреднува работата во судската сфера.

И од независните синдикати на државната и судската администрација со барања до владата и надлежните институции предупредија на можен штрајк во сите судови, доколку не се подобрат материјалните услови и не се реши проблемот со недостиг на кадар.