Министерството за здравство го разреши раководителот на Центарот за јавно здравје, Сашо Точков.
Од ресорното министерство не посочија детали за смената која пак, во Охрид предизвика низа на реакции.
Покрај, Охриѓани, кои споделуваат од вчера фотографии на кои пишува „И јас сум Точко“,вработените во ЦЈЗ се најгласни. Имено, тие испратија допис во кој објаснуваат колкава била значајноста на Точков, кој според нив одлично се носеше со функцијата.
„Веќе втор ден сме во жалост. Веројатно никој не е свесен што ни се направи со разрешувањето на Сашо Точков од функцијата Директор на Центар за јавно здравје Охрид. Овој текст го пишуваме со преголема тага, гнев и револт, но со многу љубов и огромна поддршка за човекот кој цел свој работен век, а посебно изминативе неколку години на позиција на директор даваше огромен дел од себе и придонесуваше кон здравството на локално но и на национално ниво.
Со овој чин, во нас се скрши се во што ние верувавме, згасна нашиот ентузијазам, вербата во подобро утре. Пред себе имавме лидер со една цел: Охрид да биде подобро место за живеење, а денес Охрид е во тага!
Сашо е вистински Човек, хуман, чесен, посветен, визионер, препознатлив и потврден од целата заедница. Како професионалец, секогаш на ниво на задачата. Како менаџер и лидер: никогаш не сме имале некој како него без штедење и без срам да учествува во секој процес и да помага на секоја позиција и на секој вработен.
Повеќето сме преку 20 години вработени во Центар за јавно здравје Охрид и сме имале многу директори, но ваков препород како последните 3 години Центар за јавно здравје не доживеал. Она што за нас, како вработени беше и е најважно е позитивниот амбиент во установата, сложноста и ентузијазмот на вработените, мотивацијата која секогаш ни ја даваше. Секогаш напред да не води и бодри, и секогаш назад да не поддржи Сашо направи љубовта кон професијата и кон работното место да ни се зголеми за илјада пати. Тој беше среќен, а ние охрабрени да даваме сугестии за подобрување на амбиентот и текот на работата. Тоа го коментираат (усно и писмено) нашите пациенти, медиумите, а искажаното задоволство на пациентите, не можеме со текст да Ви објасниме.
Зарем во Охрид постои здравствена установа каде секој пациент е важен, почестен со топол чај и кафе на зима, освежителен пијалок на лето. Кај нас веќе децата не се плашат од белите мантили и си заминуваат со бомбончиња. Секој празник пациентите се почастени со скромни подароци, а секој илјадити пациент награден за довербата. Дали имавме потреба да се докажуваме? Не, но тоа го правевме затоа што љубовта кон работата ни беше приоритет, интересот на пациентите на прво место. Ако сте биле наш пациент, ќе знаете дека ние, вработените, сме секогаш насмеани, расположени.
Пријатната музика во ходниците, фотографиите на ѕидовите, новогодишната бајка и велигденската сказна се само дел од нашата приказна која ја креиравме со нашата креативност и сопствени средства. Оваа година реновираме и од корен менуваме зграда каде што со децении не е закачен клинец, и покрај целата ситуација со Ковид 19, имавме планови да одиме напред, да направиме што повеќе и подобро. Но, некој смислил дека треба да ги растури вагоните и да ја исфрли локомотивата. Се уште сме во шок, исфрлени од колосек и не сме сигурни дека некогаш ќе се вратиме на вистинскиот пат.
Денес Сашо Точков не е веќе директор на Центар за јавно здравје Охрид. Неговата загуба е минимална. Оние што губат сме ние, неговите вработени. Губи Охрид! Гиби секој охриѓанец кој верува дека вистинскиот пат е патот на трудот и чесноста! Губат нашите деца на кои им испраќаме порака дека секогаш победува подмолноста и интригата. Губат сите наредни генерации кои треба да учат од примерите на нивните предци. Ова не е пример за како треба, туку пример за како не треба! Верувам дека многумина од Вас ќе се сложат и остро ќе го осудат овој чин. Бидете дел од решението, а не од проблемот!
И ние сме Сашо Точков!
Разрешете не, велат дел од вработените во центарот за јавно здравје Охрид“, се вели во дописот од вработените.