Кондарко: Претседателските кандидати да не изнесуваат неосновано напади врз работата на ДИК

Кондарко во процедурално обраќање посочи дека ДИК не организира политички јавни дебати, не ги определува правилата на игра и нема да дозволи никакви влијанија и мешање ниту на партиите, ниту на кандидатите.

од Бети Божиноска

Кандидатите и политичките партии мора да го познаваат Изборниот закон и надлежностите на ДИК ако сакаат да учествуваат во изборниот процес, а не да изнесуваат непроверени и паушални напади, истакна денеска членот на ДИК Борис Кондарко, во името на Државната изборна комисија, реагирајќи на изнесените реакции од дел од претседателските кандидати за време на потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори.

На почетокот на попладневната 92. седница на ДИК, Кондарко во процедурално обраќање посочи дека ДИК не организира политички јавни дебати, не ги определува правилата на игра и нема да дозволи никакви влијанија и мешање ниту на партиите, ниту на кандидатите.

„ДИК не е ниту политичка партија, ниту политички противник на кој било од кандидатите и со оваа реакција нема намера да им прави никаква промоција, но мора да реагира и не може да премолчи, затоа што од дел од кандидатите беа изнесени директни напади, притисоци и невистини за работата и одлучувањето на ДИК,“ посочи Кондарко.

Тој нагласи дека ДИК не организира политички јавни дебати, не дели пари на кандидатите и на партиите, туку тоа е регулирано во Изборниот закон.

Како што рече Кондарко, ДИК не носи изборен закон и не ги определува правилата на игра, туку тоа го прави Парламентот.

„Напомена дека ДИК не е Парламент, и ако имаат некои забелешки, кандидатите да ги решаваат проблемите во Парламентот со политичките партии кои го гласаат Изборниот закон,“ рече тој.

ДИК, како што рече, единствено го спроведува Изборниот закон и се грижи за организација на изборниот процес согласно своите законски надлежности.

Кондарко појасни дека ДИК со оваа реакција само сака да покаже дека нема да дозволи никакви влијанија и мешање ниту на партиите, ниту на кандидатите во работата и надлежностите на ДИК.

„Преку ова го штитиме својот професионален углед и институционален интегритет, но и интегритетот, угледот и сликата за изборниот процес во државата. Со оваа реакција не навлегуваме во останатите пораки на кандидатите, тоа е сепак нивна одговорност пред граѓаните и нив треба да ги гласаат. ДИК не настапува на избори, ДИК се грижи за законито спроведување на изборите и единствено така работи,“ рече тој.

Реакцијата на Кондарко доаѓа откако кандидатите за претседател на државата денеска во Државната изборна комисија го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, освен претседателскиот кандидат на ГРОМ и коалицијата „Храбро за Македонија“, Стево Јакимовски, кој рече дека ќе го почитува Кодексот, но нема да го потпише ако ДИК не гарантира дека ќе организира дебати, посочувајќи дека одредени кандидати се максимално фаворизирани и средствата за кампањата не се рамноправно поделени.

Останатите кандидати ставија потпис и се обврзаа дека кампањата ќе ја тераат согласно Кодексот, иако дел од нив изразија скепса и реагираа што мастер дебатите кои требаше да се одржат се откажани.

Слични содржини