Среќен сум што самитот на „Отворен Балкан“, резултираше со потпишани договори, кои се со конкретни позитивни придобивки за граѓаните од регионот, напиша на својот Фејсбук профил премиерот Димитар Ковачевски.
-Голема благодарност до сите кои вчера и денеска беа дел од самитот на Отворен Балкан. Особена благодарност до моите колеги претседателот на Србија, Александар Вучиќ и албанскиот премиер, Еди Рама, за целосната посветеност и ангажираност.Вратите на Отворен Балкан остануваат отворени. Да се видиме наскоро со истата енергија и со нови идеи и проекти за унапредување на нашата соработка, напиша Ковачевски.
Иницијативата „Отворен Балкан“ претставува стабилен и развиен регион кој во сите области го подобрува животот на граѓаните, формирана е за поголема регионална соработка и за економски развој на земјите-членки, но не е замена за Европската унија, беше пораката од дводневниот Самит на кој присуствуваа премиерите на Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, Димитар Ковачевски, Еди Рама и Дритан Абазовиќ, претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседавачот со Советот на министри на БиХ Зоран Тегелтија и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи.
Заеднички е ставот на лидерите, дека во интерес на сите граѓани од регионот е соработката за поголем економски развој и за остварување на европските интеграции.
Самитот, како што оцени премиерот Ковачевски заврши успешно и резултираше со потпишани договори, кои се со конкретни позитивни придобивки за граѓаните од регионот во сферата на туризмот, културата, во соработката на даночните администрации на земјите од иницијативата.