„Вреди да се биде дел од ЕУ, Северна Македонија е во Европа, како географски, така и историски“

од Берта Китинска
202 прегледи

Вреди да се биде дел од европскиот и политички проект – ЕУ, рече премиерот на Кралството Шпанија Педро Санчез, споделувајќи го шпанското искуство со реформите за влез во ЕУ.

Санчез вчера престојуваше во прва официјална посета на Македонија.

На прес-конференцијата со премиерот Димитар Ковачевски шпанскиот премиер рече дека Северна Македонија е во Европа, како географски, така и историски и дека сега земјава е еден чекор поблиску до посакуваната цел. Тој вели дека Македонија може да смета на поддршката од Шпанија за следните чекори за членство во ЕУ.

Ковачевски кажа големо Фала за ратификацијата на членството на нашата земја во НАТО, кога Шпанија се наоѓаше во исклучително тешки околности, а Парламентот се состана само за да ни даде поддршка. По три дена, Македонија стана 30-та земја членка на НАТО.

-Оваа поддршка на патот кон ЕУ лично ми ја пренесе денеска колегата Санчез, што верувам и за граѓаните на Северна Македониј претставува голема чест. Како резултат на оваа и на поддршката на сите останати земји пријатели на Северна Македонија, пред околу 10-ина дена ја одржавме првата меѓувладина конференција со која ги почнавме преговорите со Европската унија. После донесените тешки одлуки кои бараа лидерство, храброст, одговорност и државничко однесување, направивме уште еден крупен чекор кон остварување на нашата повеќедецениска стратешка цел. Најважно од се, тоа го направивме како Македонци кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ. Со почнувањето на преговорите, она што е македонско, ќе остане автентично и во Европската унија од една страна, а ќе го збогати сложениот европски идентитет од друга страна, кажа Ковачевски.