Вредноста на биткоин во пресрет на „halving“: „Доколку нема проширување на војната на Блискиот исток, околу 130.000 долари за криптовалутата би било веројатно на почетокот на 2025“

од Nikola Popovski
2,6K прегледи

Денеска е предвидено да се одржи долгонајавуваното преполовување (halving) на биткоин. Споменатото преполовување е запишано во кодот на криптовалутата. Во светот има само 21 милион биткоини и оваа бројка е практично невозможно да се промени, така што намалувањето на наградата за рударство треба да создаде поголем недостиг и дополнително да ја зголеми цената на биткоинот.

Што точно е преполовувањето на биткоинот и како тоа ќе влијае на побарувачката за најтргуваната криптовалута?

Крипто-експертот и портфолио стратег Дарко Симуновски во разговор за „Локално“ објаснува дека преполовувањето на биткоинот е програмиран настан вграден во самиот протоколот на Биткоин блокчејн, кој ги намалува наградите што ги добиваат рударите за потврдување на трансакциите на блокчејн мрежата.

Дарко Симуновски

Како што информира, преполовувањето се случува приближно на секои четири години или по секои 210.000 изрударени блокови на трансакции. Појаснува дека целта на преполовувањето е да се контролира понудата на нови биткоини кои влегуваат во пазар.

-Кога Биткоин беше создаден во 2009 година, почетната награда за блок за рударите беше 50 биткоини по блок. Првото преполовување беше во, ноември 2012 се намали наградата на 25 по блок, а следното дополнително се намали на 12,5, во јули 2016, па 6,25 биткоини во мај 2020. Денес е 4-то преполовување по ред на 840.000-от блок. Со овој настан, наградата за рударен блок е 3.125 со овој механизам се создава недостиг. Исто така вкупната понуда на биткоини е ограничена на само 21 милион додека не се изрудари последниот биткоин за точно 116 години, односно во 2140 година, информира Симуновски.

Според него, историски, настаните за преполовување на биткоин се поврзани со значителни движења на цените, често намалената понуда ја зголемува побарувачката, што доведува до зголемување на цената.

-Тоа што дава дополнителен оптимизам е достапноста до биткоин, преку ЕТФ фондови за институционалните инвеститори. Сепак, односот помеѓу настаните за преполовување и цената е комплексен и под влијание на различни фактори, како што е макроекономската состојба и геополитичката. Исто така сакам да напоменам дека мора да се направи дистинкција помеѓу Биткоин и другите криптовалути. Тоа што Биткоин го прави различен од другите е неговата непроменлива економија, децентрализација и сигурност, посочува крипто-експертот.

Симуновски лани во декември кажа дека после Биткоин ЕТФ, цената на Биткоин ќе достигне нов рекорд од преку 70.000 долари, по што стигнавме до 73.737 долари.

-После биткоин преполовување и достапноста за институционалните инвеститори, цената на биткоин ќе продолжи да во нагорен тренд, пратена со волатилност. Како што одминува времето ќе стане се појасно дека Биткоин е дигитално злато или дигитален имот и цената ќе биде постабилна. Доколку нема проширување на војната на Блискиот исток, односно во Иран или некои други војни, тогаш околу 130.000 долари за биткоин, би било сосема веројатно во почетокот на следната година, истакнува соговорникот.

На прашањето дали намалувањето на надоместот за рударење ќе доведе повторно до голем раст на цената на биткоин и дали ќе ги остави само најдобрите рудари на пазарот, Симуновски објаснува дека како што одминува времето, секогаш кога ќе има драстичен пад на цената на биткоин, а дел од рударите ќе се повлечат, затоа што со секој настан на преполовување нивната заработка исто така се преполовува.

-Но убавината на еден ваков, отворен и јавен блокчејн, како Биткоин, е што секој кога сака може да се приклучи во процесот на рударење за да придонесе во децентрализираноста и сигурноста на мрежата. За да се разбере Биткоин, неопходна е едукација, за да се разбере големото значение на ова фасцинантно финансиско средство и револуционерна технологија, заклучува крипто-експертот.

Од друга страна, и адвокатот и поранешен регулатор, Душко Гошевски во анализа за „Локално“ се согласува дека се работи за акутно актуелна тема бидејќи не се бројат деновите, туку часовите до новиот „halving“ . За да појасниме што е преполовување на добивките на биткоини за оние кои го рударат, вели тој, треба да се навратиме наназад во основната генеза на оваа прва и револуционерна криптовалута.

Душко Гошевски

-Биткоинот е замислен како „дигитално злато“, органичена валута која што е определена односно фиксирана на износот на 21.000.000 биткоини. Односно, можноста за стекнување на биткоинот со рударење е ограничена на износот од 21.000.000 по што всушност нема да има можност од создавање на нови биткоини и истите ќе можат да се стекнуваат само преку тргување, објаснува Гошевски.

Тврди дека на почетокот на биткоинот, односно од 2009 година при процесот на рударење/копање(или  компензирање на оние кои што ја одржуваат мрежата на Блокчеин со валидизација на блоковите) наградите беа по 50 биткоини.

-Но, во самиот код на оваа криптовалута е таканачерениот halving или преполовување кое се случува на секои четири години. Така например првиот halving беше во 2012 година каде што наградата за валидизација на блокот се намали на 25 Биткоини, во 2016 на 12.5, во 2020 на 6.25. Односно, наградата за рударите се преполовува на секои четири години, и во наредните денови или часови се очекува да се случи истото и намалување на наградата на 3.125 биткоини по блок, истакнува соговорникот.

Гошевски е дециден дека ова е многу важен момент во дигиталната индустирија на криптовалутите бидејќи освен што влијае на „рударите“ истата влијае и на пазарната вредност на биткоинот и ги засега и инвеститорите а се повеќе и целокупната финасиска јавност.

-Секако битно е да се напомене дека околу 96% до биткоините се веќе „изрударени“ и токму ваквиот начин на преполовување всушност го пролонгира крајот на копањето на Биткоини кој се очекува некаде за 2140 година, иако веќе во 2032 година предвидено е 99% од Биткоините да бидат изрударени, објаснува поранешниот регулатор.

Н.П.

Слични содржини