Борусија Дортмунд и Реал Мадрид ќе го решаваат новиот освојувач на трофејот во Лигата на шампионите. Големото финале е вечерва во 21:00 часот по наше време на „Вембли“.
Реал Мадрид е рекордер на турнирот и денеска по 15-ти пат во својата историја ќе се обиде да го подигне пехарот. Последен пат Лос Бланкос го направија ова во 2022 година, кога во финалето го победија Ливерпул. Оваа сезона, Реал Мадрид на Карло Анчелоти најпрво го симна Манчестер Сити од тронот во четвртфиналето, задржувајќи ги „граѓаните“ во реваншот на „Етихад“ и последователно победи на пенали.
Во следната фаза, тимот тешко се најде и со Баерн Минхен, заостанувајќи со 0:1 на „Бернабеу“ до 88. минута, пред Хоселу да постигне два голови за да го испрати германскиот гигант дома. Мадриѓаните и вечерва можат да направат двојник откако убедливо станаа шампиони во „Ла Лига“.
Карло Анчелоти нема да може да се потпре на Аурелиен Чуамени, кој се повреди во полуфиналето од Лигата на шампионите. Другата вест околу составот на „кралскиот клуб“ е враќањето на Тибо Куртоа под рамката на голот. Белгиецот се опоравуваше од тешката повреда, а во финалето ќе брани наместо Андриј Лунин, кој одигра силна сезона, но во последните неколку дена е покосен од вирус.
На патот на Реал Мадрид му стои Борусија Дортмунд, а германскиот тим покажа дека не треба да се потцени. „Црно-жолтите“ поминаа низ „групата на смртта“ со Пари Сен Жермен, Њукасл и Милан, а потоа ги совладаа ПСВ Ајндховен, Атлетико Мадрид и ПСЖ последователно и стигнаа до финалето.
За Борусија ова е прво финале во ЛШ по 2013 година, кога тимот загуби од големиот ривал во Бундеслигата Баерн со 1:2. Интересно, тој пораз од Баварците дојде токму на „Вембли“, каде сега Борусија на Един Терзиќ ќе бара одмазда. Единствениот триумф на Дортмунд во ова натпреварување дојде во 1997 година кога го победија Јувентус во борба за трофејот.
Двата тима имаат вкупно 14 меѓусебни натпревари, со тоа што Реал има двојно повеќе победи – 6 спрема 3, со 5 нерешени и гол-разлика 24:19 во корист на „белите“.
Средбата на „Вембли“ ќе биде емотивна за дел од актерите. Фудбалерот од средниот ред на Дортмунд, Марко Ројс со трофеј ќе се обиде да ја заврши кариерата на „Сигнал Идуна Парк“. На спротивната страна, Џуд Белингем ќе се соочи со својот поранешен тим, откако им падна во очи на водечките европски гиганти токму со „жолто-црниот“ дрес, а Тони Крос ќе се прости од Реал пред конечно да ја заврши кариерата по ЕП 2024 во Германија.
Главен судија на финалето ќе биде Словенецот Славко Винчиќ.