Англискиот стручњак Стивен Џерард е главен кандидат за клупата на шкотскиот Ренџерс, каде што веќе седеше од 2018 до 2021 година, објави денес „Дејли меил“.
Според лондонскиот весник, челниците на Ренџерс сакаат да го вратат 44-годишниот Џерард, кој им ја донесе титулата шампион на Шкотска во сезоната 2020/21 во својот прв мандат.
Џерард се приклучи на Астон Вила веднаш по освојувањето на таа титула, но не се снајде добро во клубот од Бирмингем. Слично беше и во Ал Етифак во Саудиска Арабија, каде што Џерард работеше од летото 2023 година до јануари оваа година.
Во написот на „Мејл“ се истакнува дека по заминувањето на привремениот менаџер Бери Фергусон, клубот сакал поискусен експерт и дека тоа довело до елиминирање на Давиде Анчелоти, синот на тренерот на Реал Мадрид, Карло, од трката.
На крајот, се заклучува дека Џерард би можел да биде назначен за менаџер на клубот до крајот на мај или почетокот на јуни.