Време за победа на диктатурата

од Nikola Popovski
251 прегледи

Воопшто не е изненадување фактот дека мицковистичко дпмне го деструираше ВМРО и од позиција на власт во државата; тоа е повторување на процесот кои се случуваше од самиот почеток на внатрепартиското владеење на истата тогашна и сегашна раководна структура веќе 7 години. Како во таа политичка партија, а впрочем и кај повеќето во Македонија, да важат правилата на приватните фирми – кој го има печатот и клучот од касата (благајната), тој е газдата. Ова всушност е многу продуктивна перспектива за анализа на перманентното пропаѓање на ВМРО со мицковистичко дпмне, и дава редица објаснувања зошто се случи финалниот историски пораз на ВМРО. Како што секојдневно гледаме, откако ќе се дофати печатот, или ќе ти го дадат, сеедно – газдата на фирмата околу себе во управниот одбор на фирмата си поставува свои пријатели, роднини, претходни бизнис соработници и ликови со незаситна алчност за функции и пари по секоја цена. Понатаму, како при создавањето концентрични кругови, тој апликативен модел се транспонира во сите партиски структури, од месни комитети до централен комитет и конгрес. И така, газдата си има десетина, па стотина верни луѓе кои ги плаќа добро на еден или на друг начин, оти касата е негова, а истите потоа си имаат свои стотина такви во слични организациски оддели кои наликуваат на платено собрание на акционери, и дизајнот на управувачкиот модел е функционален. Каква идеологија, какви политики, како ќе каже газдата така ќе биде – впрочем, тоа се докажа во овие 7 години во сета своја перверзна перфекција. На пример, брадестите патриоти, заколнати комити (симболично), ни збор не изустија на безбројните понижувања на самата суштина на ВМРО од страна на „војводите“. И тоа, се разбира, не само што е срамно од перспектива на историско битие на ВМРО, туку е и тотално смешно, тоа како комитите се претворија во мачиња, метафорички кажано.

Процесот на деструкција на идеологијата на ВМРО од страна на ова и вакво Вмро-дпмне (дпмне мицковистичко) е завршен во целост со амплификација на анти-ВМРО политики од позиција на власт. Тој процес започна практично уште од денот кога од мистериозни причини и мотиви непознати за јавноста беше назначен за претседател на Вмро дпмне истиот лик  што го претвори ВМРО во конфузна групација налик на бизнис фирма и конгломерат на лични интереси замаскиран со припроста пропаганда на погрешните, антинародни, антидржавни и антимакедонски политики. Денес, веќе е бизарно и воопшто да се спомене нешто кое макар и оддалеку е поврзано со ВМРО во однос на дпмне мицковистичко. Неславниот крај на ВМРО, потврден брутално во практика веќе стотина дена преку анти-ВМРО управување со државата, конечно го скрши и последниот мит за ВМРО, оној за трансисториски чувар на Македонското битие. Отсега, и сите тие ефтини пропагандни приказни за мали деца мора да бидат со потсмев отфрлени од Македонскиот народ. Само грст комити се спротивставија на сето тоа трагично уништување на ВМРО, другите прифатија дебело платени фотељи (функции), останатите чекаат фотељи (функции).

Ако некогаш низ светата историја на ВМРО и имало оправдување на славната поговорка која во голема мерка е најважна дескрипција на духовниот и интелектален хабитус на Вмровците кои денес се мициња – и магаре да е ако е од ВМРО а денес дпмне мицковистичко ќе го гласам – како некаков израз на верност кон јасната и доследна кауза на ВМРО, денес и вчера, веќе 7 години, истото е квинтесенцијален акт на политичка будалаштина. Патем кажано, тука се наоѓа и одговорот за леснотијата на владеење со дпмне партијата – секогаш ќе се најдат илјадници такви луѓе со некритичка свест кои се лесни за манипулација преку мета-приказната за ВМРО, дополнети со илјадници профитери. Најбитно е да го имаш печатот и касата, владењето потоа со фирмата, партијата, е толку лесно. Реалноста во овие стотина дена е клучен доказ – ниту името се врати, ниту знамето, ниту двојазичноста се поништи, ниту има нов договор со Бугарија. Ништо нема како решение за актуелните историски предизвици на автентичната и единствена ВМРО идеологија. Но затоа има скандалозно огромни функционерски плати, партизација на системот на институции, и еден куп срамни настани кои се суштинска негација на ВМРО во секој аспект.

И така, колку и да е тешко тоа да се каже од перспектива на повеќевековното опстојување на идеологијата на ВМРО во секакви мачни времиња и геополитички состојби на Балканот, сепак мора да се каже – нема веќе супстрат позади тие 4 букви што некогаш беа свети букви кои го рефлектираа колективниот идентитет на Македонскиот народ. За 7 години тие од „белата палата“ успеаја да го анихилираат она што не им успеа ниту на најголемите непријатели на Македонија и Македонскиот народ низ тешката историја. Нема повеќе ништо поврзано со ВМРО позади и онака очајниот изглед и површина репрезентирано преку дпмне мицковистичко. И нема веќе сомнеж дека единственото нешто што ги држи заедно во власта оние од мицковистичко дпмне, Влен и Знам е голата власт придружена со можностите за масивното искористување на народните пари.

Во сета оваа трагедија што ни се случува единствено поволно е што очигледната неспособност и јасните примери и дополнителни нови најави за диктатура забрзано го зголемуваат и незадоволството а со самото тоа и можноста за организација на отпорот кон бескруполозната власт. На тој начин, секој ден паралелно се одвиваат два процеса – од една страна режимот се зацврстува институционално, а од друга страна, се повеќе луѓе и центри на некаква моќ стануваат свесни за она што мене и на многумина други им беше јасно многу одамна – дека мицковистичко дпмне, сега засилено со Влен и Знам, ќе предизвикаат проблеми на секоја позиција која рефлектира демократија и слобода, нормалност и стабилност во функционирањето и можноста за било каков позитивен напредок на државата, општеството, економскиот систем.

И затоа, помина времето на смеење и сеир. Епската неспособност на владата на Меџити, Гаши, Таравари, Касами и дпмне мицковистичко со се приврзокот Знам веќе не е смешна. Повеќе нема време за молк и чекање среде безмилосното расипништво, бројни индиции за коруптивни бизниси, тоталната ерозија на сите морални и политички критериуми на оние од власта – Македонија пропаѓа, и мора да се делува. Оваа власт е најголемата историска политичка несреќа за Македонскиот народ и сите граѓани што живеат овде, закана по самата супстанцијална оддржливост на државата и колективната егзистенција на оваа територија. Меѓутоа, оваа власт самата нема да падне, иако тоа би било нивниот најрационален избор. Со постоечката груба инструментализација на сите механизми на системот ќе биде многу тешко за народот да го победи режимот кои се повеќе наликува на диктатура и хунта од т.н. јужноамерикански тип. Уште повеќе, тие во повеќе сфери од животот веќе воведоа класична диктатура за само стотина дена и оттаму незамисливо опасно е да им се дозволи да владеат уште еден ден повеќе, бидејќи со секој изминат ден ќе ја зацврстуваат диктатурата и институционалниот политички окупиран систем на институции. Оттаму, време е одговорните и самосвесни субјекти да се организираат и во рамки на демократските можности брзо да ја победат на избори оваа антинародна власт. По идентификацијата на секојдневно се повеќе субјекти кои се незадоволни од оваа власт, мора да се воспостави нивна соработка и координација, па после неопходната демократизација на медиумите и независните регулаторни тела според Прибе моделот, да се предизвикаат предвремени парламентарни избори со напуштање на Собранието и одземање на легитимитетот на ова антинародно владеење на режимот, проследено со мирни народни протести. Конечно, ако и не успее тоа, гласањето за Бугари во Уставот кое набрзо ќе се случи мора биде цврсто условено со предвремени избори.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини