Оваа среда беше „Pollmas“ („сковано“ од англиските зборови анкета и Божиќ), празник што доаѓа по Демократските и републиканските национални конвенции, кога се прави голем пресек на анкети на јавното мислење и се објавува позицијата на гласачите за двајцата претседателски кандидати. Добрата вест за актуелниот претседател Доналд Трамп, номиниран за реизбор од републиканците, е дека неговиот рејтинг конечно се мрдна од мртва точка. Лошото е што скокот беше далеку помал отколку што се очекуваше.
По конвенциите на кои кандидатите имаа можност да ги презентираат своите програми и говорите на истакнати партиски фигури и членови на семејството, кои привлекуваат неопределени гласачи, ситуацијата е следна – Трамп не само што заостанува зад демократскиот ривал Бајден, туку стои полошо во анкетите од повеќето избрани претседатели, 2 месеци пред изборите.
Бајден во моментов има седум проценти предност пред Трамп, како што објави „Политико“. Се проценува дека Бајден има поддршка од 50 проценти од граѓаните, а Трамп 43. Сличен резултат покажа и анкетата на агенцијата „FiveThirtyEight“.
Во просек, Бајден водеше меѓу осум и 10 проценти во однос на Трамп во истражувањето направено претходно оваа година. Со оглед на тоа што беа спроведени нови анкети веднаш по Републиканската конвенција, можно е овој процент на поддршка што Трамп го стекна да испари во наредните недели, бидејќи конвенциите ретко имаат траен кумулативен ефект.
Сепак, и покрај ова, ниту еден претседател кој се бори за реизбор не сака да види како заостанува зад неговиот противкандидат по конвенцијата. Најголемиот проблем за Трамп е што предноста на Бајден е стабилна цело време. Од објавувањето на номинацијата во март, неговата предност не падна под осум проценти.
Она што сега е најголема надеж на Трамп е малата предност што ја има Бајден во државите чии гласови се одлучувачки – Пенсилванија, Мичиген, Висконсин. Овие земји обично ги освојуваа демократите, сè додека Трамп не ги доби во 2016 година.
Претседателот на Соединетите држави се избира индиректно – не со гласовите на граѓаните, туку со гласовите на Изборниот колеџ, што значи дека кандидатот може да добие повеќе гласови од граѓаните, но не и доволно изборни гласови. Во 2016 година Трамп доби скоро три милиони гласови помалку од неговата противкандидатка Хилари Клинтон, но тој победи на изборите благодарение на гласовите на гласачите во решавачките земји.
Ако Бајден победи во Пенсилванија, Мичиген и Висконсин, а во останатите 47 држави резултатот е ист како во 2016 година, тој ќе победи на изборите. Сепак, сегашните истражувања покажуваат дека Бајден има мала предност – 4,7 проценти во Пенсилванија, 2,6 проценти во Мичиген и 3,5 проценти во Висконсин.
Покрај овие три земји, анкетите сугерираат дека има и други кои би можеле да бидат одлучувачки на 3 ноември.
„RealClearPolitics“ покажува дека Бајден има предност во Флорида, државата во која е пријавен Трамп, за 3,7 проценти. Флорида има 29 изборни гласови, па поразот на Трамп во таа земја би го оневозможил сегашниот претседател повторно да го добие мандатот. Трамп и Бајден се рамо до рамо во уште осум држави, од кои Трамп освои шест во 2016 година. Бајден има мала предност во двете држави што ги доби Трамп – Охајо и Аризона.
Сепак, иако Трамп сè уште има шанса да ги сврти работите во своја корист, неговото време полека истекува, а според „Блумберг“, многу е малку веројатно дека какво било „октомвриско изненадување“ ќе биде доволно ефикасно да ја премости сегашната разлика до изборите на 3 ноември.