Врховниот суд е ажурен суд, констатираше Судскиот совет на РСМ

од Radmila Tasevska
153 прегледи

Според Извештајот на Судскиот совет на Република Северна Македонија за работата на судовите за 2022 година усвоен од страна на Судскиот совет, Врховниот суд на Република Северна Македонија е ажурен суд бидејќи го совладал приливот и го намалил заостатокот на предмети.

Во Извештајот за работата на Врховниот суд за 2022 година кој е поднесен до Судскиот совет, нотирана е ефикасната работа по предмети на Судот, динамиката на утврдувањето на начелните ставови, правни мислења и заклучоци, унапредувањето на судската практика во согласност со позитивната оценка на Европската Комисија за судот и во согласност со стандардите на Европскиот суд за човековите права.

Во Извештајот, исто така, се нотираат и податоците за целокупното административно и финансиско работење, подобрувањето на условите за работа, унапредената транспарентност и преземањето активности во поглед на независноста и ефикасноста на судството.

Според претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, ажурноста на Врховниот суд се должи на заложбите за ефикасното постапување и одлучување по предметите за кое значаен придонес има и новиот Деловник на Врховниот суд кој како клучен документ за организирањето и ажурноста на судот се донесе после 23 години.

Слични содржини