Изминатиот месец, секторот за внатрешни работи-Штип, регистрирал неколку измами на граѓани по пат на социјалните мрежи.

Измамите најчесто се случувале на социјалните мрежи, фејсбук и месинџер, каде на граѓаните им биле злоупотребени личните податоци, како на пример, лични карти, трансакциски сметки, електорнски здравствени легитимации..

„Наведените податоци сторителите ги злоупотребувале за стекнување и добивање брзи кредити од финансиски друштва во Република Северна Македонија, преку електронско аплицирање во име на оштетените граѓани, притоа, доведувајќи ги во заблуда дека паричните средства кои по одобрувањето на кредитите легнувале на трансакциски сметки на оштетените, се наводно помош од роднини на сторителите за лекување на болно дете“, стои во соопштението на СВР-Штип.

Во случаите, паричните средства оштетените сами ги ваделе од нивните сметки и преку посредници им ги давале на сторителите, незнаејќи дека истите потекнуваат од претходно одобрени брзи кредити во нивно име.

СВР Штип апелира до граѓаните да не наседнуваат и подлегнуваат на вакви и слични измами, кои што се вршат преку социјалните мрежи и особено да внимаваат на кого ги споделуваат податоците од личните документи. Сите сомнителни случаи од ваков вид граѓаните да ги пријават во Полициска станица или на бесплатниот телефонски број 192.

Надлежните во СВР Штип велат дека интензивно работат на расветлување и документирање на случајот.

Слични содржини