Претседателот на Србија Александар Вучиќ и претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова денеска го посетија манастирот Св. Прохор Пчински каде разговараа со свештенството.
Сиљановска Давкова положи цвеќе пред спомен плочата на Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија), кое пред 80 години се одржа на денешен ден во манастирот Св. Прохор Пчински.
По средбата со Сиљановска Давкова, Вучиќ рече дека Србија ќе ја продолжи соработката со Северна Македонија и дека заедно ќе работат на изградба на брза железничка пруга до Солун.
– Среќни сме што можеме да ве угостиме денеска, ќе ручаме и заедно. Многу сум среќен што можев да ѝ ја честитам победата на изборите и да ѝ посакам успешна работа во наредните години. Ќе работиме на конкретни проекти, на политички прашања, на европскиот пат, на проблемите со кои се соочуваме. Сакам да им го честитам на граѓаните на Србија и на граѓаните на Северна Македонија денешниот празник. Ја молам претседателката во Србија да се чувствува како дома. Убеден сум дека можеме да одиме до над две милијарди евра во нашата размена – рече Вучиќ.
Тој додаде дека оваа посета претставува одлична можност за зајакнување на партнерството и афирмирање на заедничките вредности со цел напредок и развој на целиот регион.
„Илиндан е уште една допирна точка на која треба да ја засноваме натамошната поврзаност“
Како што рече, манастирот Свети Прохор Пчински е најдоброто место за оваа средба, бидејќи „ја симболизира врската меѓу Србија и Северна Македонија, вкоренета во заедничката традиција, култура и предизвикувачки историски околности што го обликуваа идентитетот на нашите народи“.
-Илиндан, односно Илинден е уште една допирна точка на која треба да го засноваме натамошното поврзување на нашите две земји – порача Вучиќ на својот Инстаграм профил.
View this post on Instagram