Анализа: Победата на Борисов нема да донесе некоја суштествена промена на политиката на Бугарија кон Македонија

од Destan Jonuzi
322 прегледи

Врз основа на резултатите од изборите е сосема јасно дека не може да се очекува некоја суштествена промена на политиката на Бугарија кон Македонија, изјави за „Локално“, поранешениот амбасадор на Македонија во Бугарија, Ѓорѓи Спасов, коментирајќи ги резултатите од парламентарните избори и тесната победа на партијата ГЕРБ на бугарскиот екс-премиер Бојко Борисов.

– Добро е тоа што ГЕРБ на Бојко Борисов освои најголем број гласови и пратенички места но тие не му се доволни да формира стабилна влада. Добро е за Македонија што на овие избори исчезнаа партииите ИТН на пеачот Слави Трифунов и ВМРО на Каракачанов и Џамбаски. Но лошо е што антимакедонска и проруска партија Преродба на поранешниот потпретседател на ВМРО Костадин Костадинов доби дури 26 места во Собранието. Таму е проблем непомирливоста меѓу ГЕРБ и Продолжува промената на Кирил Петков. Кога би се направила стабилна влада меѓу ГЕРБ, ПП и ДПС (Движењето за права и слободи на Турците) и кога би се оставиле во опозиција БСП и Преродба би имало надеж за македонско бугарските односи. Но, конфликтот меѓу Борисов и Кирил Петков е голем а националистите од БСП и другите ја имаат подршката од претседателот Радев, изјави Спасов.

Тој додава дека состојбата и по овие избори изгледа неизвесна. Според него, разочарувањето на гласачите е големо.

– Излезноста на овие избори е околу 36%. Тоа значи низок легитимитет на избраните. А според најновиот попис во изминатите 10 години над 800 илјади Бугари ја напуштиле Бугарија и отишле да живеат во странство. Но белким, и за жал, војната во Украина ќе дејствува отрезнување и ќе се сфати дека Бугарија нема корист од натамошно уценување на Македонија, нагласи Спасов во изјава за „Локално“.

Александар Марков, новинар на бугарската национална телевизија БНТ во изјава за „Локално“ вели дека нискиот изборен резултат на „Има таков народ“ се должи на тоа што партијата потроши две или три многу добри можности да формира влада или да учествува во коалициска влада како мандатар на изминатите три избори во 2021 година.

– Според експертите, нискиот изборен резултат на „Има таков народ“ се должи на тоа што партијата потроши две или три многу добри можности да формира влада или да учествува во коалициска влада на изминатите три избори во 2021 година. Од друга страна, победата на ГЕРБ и Бојко Борисов е пироска, бидејќи неговото формирање беше прво на изборите во април минатата година, но никој не сакаше да коалицира со неа. Ситуацијата не се промени многу од тогаш. Борисов беше човекот кој овозможи францускиот предлог да помине во Националното собрание, откако неговата партија го поддржа компромисот во клучниот момент кога компромисот требаше да биде отфрлен. Сметам дека на бугарско-македонските односи тешко може да влијае една формација, се додека во земјата постои национален консензус во однос на сегашниот пристап, вали Марков.

Партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“, која своевремено дојде до лидерска позиција, пропаѓа и останува под прагот на бариерата од 4 проценти. Сепак, партијата на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев – „Бугарски подем“ ќе влезе во идното Народно собрание, јави репортерот на БГНЕС.

Идниот парламент ќе биде 7-партиски, покажуваат податоците на Галуп по денешните избори. Според досегашните податоци на Галуп, ГЕРБ-СДС има добиено 63 места во идното Национално собрание. „Продолжуваме со промената“ ќе има 52 народни пратеници, ДПС – 42, „Вазраждане“ – 27, БСП – 24, „Демократска Бугарија“ – 19 и формацијата „Бугарски подем“ 13 пратеници.

Во 100% паралелно пребројување на Галуп Интернешнл, ГЕРБ-СДС е прва политичка сила со 23,5%, „Продолжуваме со промената“ со 19,5%, ДПС добива 15,2%. „Вазраждане“ е четврти со 10 отсто, БСП добива 8,9 отсто, „Демократска Бугарија“ – 7,0 отсто, „Бугарски подем“ е над прагот со 4,7 отсто, а „Има таков народ“ во моментов е под бариерата од 4 отсто со 3,8 отсто.

„Тренд“ презентираше 95 отсто од паралелното пребројување, ГЕРБ-СДС освои 24,7 отсто од гласовите. Втора политичка сила е „Продолжуваме со промените“ – 19,8%. Следат ДПС – 14,7%, „Вазраждане“ – 9,9%, БСП – 8,9%, „Демократска Бугарија“ – 7,2%, „Бугарски подем“ – 4,8%.

Д.Ј.

Слични содржини