Втор ден закани за бомби, МОН: Училиштата имаат обврска да се грижат за безбедноста на учениците додека престојуваат во објектите

од Берта Китинска
178 прегледи

Во три училишта се завршени проверките и е утврдено дека пријавата за поставена бомба е лажна, а проверките во останатите училишта се во тек и по завршувањето соодветно МВР ќе информираат.

Од МОН информираат дека училишните раководства кои се надлежни за организирање на непречен воспитно образовниот процес треба да се грижат и за безбедноста на учениците.

-Училиштата имаа раководства кои се надлежни за организирање на непречен воспитно – образовен процес, а тоа значи и обврска да се грижат за безбедноста на учениците додека престојуваат во објектите. Општините, МОН и МВР секогаш излегуваат во пресрет кога е потребна било каква дополнителна поддршка, затоа што најдобрите интереси на учениците и воопшто на младите се секогаш приоритет на институциите на системот, појануваат од МОН за „Локално“.

Во врска со изгубените часови оттаму информираат дека секој наставник индивидуално ќе најде начин како зда го надомести тоа што е пропуштено.

-Со оглед на тоа што во ситуацијата се работи за неколку загубени наставни часови во неколку училишта, секој наставник индивидуално наоѓа начин како за време на наставата во првото полугодие ќе го надомести тоа што е пропуштено, посочуват од МОН.

Попладнево неколку средни училишта во Скопје, како и вчера, добија мејлови со заканувачки содржини за поставени бомби. Учениците во овие средни училишта и денеска веднаш беа евакуирани. Потврдено е дека се работи за средните училишта „Јосип Броз Тито“, „Никола Карев“, „Раде Јовчевски Корчагин”, „Орце Николов”, АСУЦ „Боро Петрушевски” и други.

Слична закана за поставена бомба во осум скопски средни училишта беше испратена и вчера, по што сите училишта беа евакуирани.

Сè уште нема информации околу тоа дали е идентификуван и приведен испраќачот.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски утрово изјави дека истрагата за вчерашните пријави за бомби е во тек и познати се првите податоци за тоа од каде се испратени тие е-пораки.

-Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас. Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија, рече Спасовски.

Б.М.

Слични содржини