Втор случај на Западно-нилска треска во Македонија

од Nikola Popovski
51 прегледи

Од страна на Одделението за вирусологија при ИЈЗ, Одделот за епидемиологија на заразни болести беше информиран за случај со Западно-нилска треска преку добиена Пријава за изолиран/докажан причинител доставена на ден 12.07.2024 година. Одделот за епидемиологија на заразни болести веднаш го информира надлежниот епидемиолог во ЦЈЗ Кочани.

Регистрираниот случај е 34-годишно лице од Кочани.

Првичните симптоми кај пациентот започнале на 07.07.2024 со фебрилност (до 38,6°С), треска, малаксаност, болки во мускули, главоболка и колапс при што паднал и добил посекотини на главата и рацете. Со ИМП е пренесен во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани. Поради перзистирање на фебрилноста, на 09.07.2024 година, пациентот е трансфериран во инфективното одделение при ЈЗУ Клиничка болница – Штип. Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители.

Со серолошко испитување е добиен податок за присуство на антитела кон причинителот – WNV од вирусолошката лабораторија при ИЈЗ, односно потврдено е заболувањето Западно-нилска треска. Пациентот бил хоспитализиран во ЈЗУ Клиничка болница – Штип во периодот од 09-15.07.2024 година и е испишан во добра здравствена состојба.

Податоците при епидемиолошкото истражување од надлежен епидемиолог од ЦЈЗ Кочани се добиени од пациентот, матичен лекар, инфектолог и медицинската документација. Во периодот од 24.06-01.07.2024 година, заболениот бил на туристичко патување во Тунис. За време на престојот, забележал комарци во поголем број и бил каснат од комарци иако користел репеленти во поголем дел од периодот при престојот. Во регионот на Кочани е исто така забележано присуство на комарци. Согласно информацијата од надлежниот епидемиолог, спроведена е редовна дезинсекција.

Ова е втор случај годинава. Првиот случај импортиран е регистриран во месец април 2024 година, кај жител на општина Василево, на територијата на ЦЈЗ Струмица.

Слични содржини