Втората лидерска средба помина без договор за датум

од Берта Китинска

Без договор за датум за одржување на предвремените парламентарни избори заврши и втората лидерска средба што се одржа вчера во вила Водно во организација на претседателот на државата.

Лидерот на владеачката СДСМ Зоран Заев истакна дека првиот термин за избори, по укинувањето на вонредната состојба и врз основ на Уредбата со законска сила, е 21 јуни, и оти сите податоци и аргументи укажуваат дека се создадени услови да се излезе на избори и тоа од здравствен, економски и од демократски аспект. Според него, тоа го потврдуваат и Комисијата за заразни болести, уставните одредби и законските рокови, па и мисијата на ОБСЕ/ ОДИХР. СДСМ, додаде Заев, допрва ќе размислува дали без опозиција ќе оди на избори.

-Неодговорност, незрелост и мислење само на партиската фотеља не доведе до тоа да не дојдеме до договор со консензус, рече Заев додавајќи дека за ВМРО-ДПМНЕ се поважни партиските калкулации, и стравот од избори.

Според Заев, однесувањето на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски е на штета на државата, обвинувајќи дека тој се плаши од граѓаните и гласањето.
-Ние тоа нема да го дозволиме. Имаме одговорност пред граѓаните и пред државата. На граѓаните им требаат целосно функционални институции и со нов мандат да им служат и да се подготват за новиот бран од коронакризата наесен. Предупредување за овој нов бран веќе издаде и СЗО, рече Заев.

Тој го цитираше член 43 став 6 од Изборниот законик, кој што вели дека МВР во рок од еден ден од јавниот увид доставува листа на државјани кои поднеле барање за издавање нова лична карта или патна исправа по кој било основ и истите ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на завршувањето на јавниот увид. МВР исто така во рок од еден ден доставува листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, а ДИК податоците за овие лица ги впишува во Изборачкиот список по службена должност.

-Изборите се утврдени и одредени, прашање е дали се има волја и желба да се учествува на изборите. Бегање од изборите нема. Оттука очекувам да се подготват сите и сите процеси на институциите кои се задолжиле да ги завршат своите работи, повтори Заев.

Заев цитираше и дел од извештајот од Комисијата за заразни болести, каде се наведува дека пред нас е период кога треба да научиме да живееме со вирусот, и оти како изминува времето се повеќе се зголемува ризикот од враќање на епидемијата со втор бран, со зголемување на бројот на пациенти.

За ОБСЕ/ОДИХР, рече, е подготвена повторно да се распореди со активности за изборите, штом се утврди датумот за изборите и водејќи сметка за патните ограничувања и протоколите поврзани со здравјето.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на лидерската средба предложи три термини за одржување на изборите: 23 и 30 август и 13 септември. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски по средбата изјави дека овие термини, не се фиксни, туку зависат од состојбата, а најоптимален би бил оној кога би бил и најмал ризикот од коронавирусот по здравјето на граѓаните.

Мицкоски изрази надеж дека нема да има, како што нагласи, едностран акт на насилство од неколку партии во однос на одредувањето датум за избори. Очекува постигнување консензус со што ќе се потврди дека на партиите им се најбитни граѓаните, а не политичкиот интерес. На лидерската средба, како што рече, претседателот на СДСМ Зоран Заев поставил ултиматум, а тоа е неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ.
-Поразговаравме отворено за сето она што ние како ВМРО-ДПМНЕ го антиципиравме, пред нас ги имавме извештаите кои морам да признаам ме разочараа, а тоа се извештајот од Комисијата за заразни болести каде што во четири точки отприлика беше пренесена сето она кое што го имаме во минатото слушнато, уредбите, растојание од еден и пол до два метри како препорака, да носиме маски, да носиме ракавици, да ги миеме рацете. Прилично неочекувано за мене иако да бидам искрен очекував дека ќе бидат малку подетални, бидејќи тоа што ни го напишаа дента претходно го слушнавме од неколку политичари од власт и од самиот господин Заев. Тука беше и дописот кој што го имаше ДИК доставено до претседателот Пендаровски каде што беше антиципиран можниот роковник на предвремените избори. Ако се собере многу лесно се доаѓа до бројката од 35 до 50 дена. И конечно на крај го имавме одговорот на писмото на одговорните од ОБСЕ/ОДИХР кои што велат вака накратко кажано, кажете ни дата ние ќе ви кажеме во колкав обем и колкава мисија можеме да испорачаме, посочи Мицкоски.

Мицкоски информира и дека на лидерската средба ВМРО-ДПМНЕ го ставила на маса и повторното ажурирање на списокот за гласањето на дијаспората со оглед дека досега некои од избирачите навршиле 18 години.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети во својата изјава истакна дека изборите се битни, но оти е потребен консензус за датумот и пред се да се земат предвид мерките од здравствените институции, оти здравјето на граѓаните е пред се.
– Многу е битно во вонредна ситуација сите да сме одговорни и да сме согласни за постигнувањето на нашите цели. Ние сме многу свесни дека земјата е без Собрание, дека е со техничка Влада, но оваа ситуација е предизвикана од пандемијата и опасен вирус, рече Ахмети и нагласи дека е многу важно оваа ситуација да не се политизира или да се партизира заради, како што рече, политички цели.

Алијансата за Албанците и Алтернатива по средбата излегоа со став дека треба да се постигне договор за избори со консензус, но и со предлог за 26 јули како најоптимален датум за одржување на изборите. Според, претседателите на партиите, Зијадин Села и Африм Гаши, државата треба да има институции, но и на денот на изборите да не биде ставено во опасност здравјето на граѓаните.
-Нашиот предлог за одржување на изборите е 26 јули зашто ќе биде период на прогласување на победата над коронавирусот и ќе биде помалку ризично за граѓаните, а ќе бидат отворени и границите и ќе има можност за присуство на меѓународна наблудувачка мисија на изборите. Воедно ДИК ќе има можност да ги изготви списоците за граѓаните кои во тој момент наполниле 18 години да имаат право да изберат и да бидат избрани, рече Села.

Лидерот на Движењето Беса Билал Касами истакна дека датумот за избори треба да се одреди по завршувањето на вонредната состојба, односно предлага да продолжат да течат роковите за изборите во рамки на Уставот и законите.

На лидерската средба не било разговарано за термин за нова средба, за што се очекува да бидат информирани од претседателот Пендаровски.

Предвремените парламентарни избори, во октомври, лани, беа закажани за 12 април, годинава, но беа одложени со Уредба на Владата поради прогласувањето вонредна состојба и ризикот од ширење на коронавирусот.

Слични содржини