Министерството за образование и наука (МОН) информира дека учебната година продолжува на 23 јануари.
Со одлука на Владата, на предлог на Министерството, второто полугодие од учебната 2022/23 година наместо на 18 јануари почнува на 23 јануари (понеделник), со физичко присуство за сите ученици. Зимскиот распуст е продолжен поради заштита на здравјето на учениците и заштеда на електрична енергија за греење.
-Со оглед на тоа што дел од јавните основни и средни училишта сè уште ја немаат искористено поволноста за снабдување со субвенционирана електрична енергија, апелираме до раководствата на образовните установи и општините како нивни основачи, да ја реализираат оваа можност. Со тоа, училиштата ќе ги намалат трошоците за електрична енергија и ќе се овозможи непречено одржување на настава со физичко присуство до крајот на учебната година. Одговорноста на секој чинител во реализацијата на воспитно-образовниот процес придонесува за повисок квалитет на образованието, порачаа од ресорот образование.
Министерот за образование Јетон Шаќири вчера не прецизираше дали учебната година ќе заврши на 10-ти или 13-ти јуни поради продолжувањето на зимскиот распуст.
-Важно е да се завршат 180 дена од календарот за настава, па евентуални дополнителни 3 дена по 10 јуни, не претставуваат никаков проблем, рече Шаќири.