Вучевиќ: Не се откажуваме од руски гас, Србија нема да зависи само од еден довод

од Илинка Илиоска
40 прегледи

Многу сме горди на проектот Турски ток, јужен ток, наречете го како сакате. Да го нема тој проект и да не го изградивме Србија сега би немала природен гас. Да бидеме прецизни и искрени – не се откажуваме од кој било гас, сакаме и руски и азербејџански, сите извори. За нас е многу значајно да имаме гас. Не треба да се откажуваме од нечиј гас зашто некој друг така проценува бидејќи ние водиме сметка за нашиот дом, сè што е корисно за Република Србија ние ќе го направиме тоа. Бидејќи знаете и во Европа од каде доаѓа најголемиот дел од природниот гас, изјави денес српскиот премиер Милош Вучевиќ на заедничката прес-конференција по средбата со Христијан Мицкоски.

Премиерите на Македонија и Србија кажаа дека разговарале за изградбата на гасниот интерконектор помеѓу двете земји, кој е во фаза на тендерска постапка во Македонија. Овој проект е од значење за Србија, која со него ќе добие пристап до природен гас преку Грција.

Вучевиќ изрази очекување дека „до 2027 година, интерконекторот со Северна Македонија ќе биде изграден,“ истакнувајќи дека Србија нема намера да зависи само од еден довод на природен гас.

Мицкоски, пак, детално говореше за енергетското поврзување со Србија, споменувајќи дека Македонија е во финална фаза од тендерската постапка за изградба на интерконекторот со Грција, со што ќе се отвори нова опција за снабдување со гас за Централна Европа.

Тој додаде дека продуктоводот, познат како нафтовод, кој ја поврзува земјата со Грција, е подготвен за пуштање во употреба и изрази желба овој нафтовод да се поврзе и со Србија, создавајќи уште еден енергетски коридор.

Во рамките на разговорите, премиерите дискутирале и за изградбата на брзата пруга која е дел од Коридорот 10, стратегиски проект на Владата, и потпишаа Меморандум за соработка во енергетиката, рударството и минералните суровини.

На прашање за Коридорот 8 и железничката пруга кон Бугарија, Мицкоски истакна дека Владата останува посветена на овој приоритет, но дека ќе одржат состанок во Брисел за да се координираат со бугарските власти за натамошните чекори.

Слични содржини