Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека на 18-ти март ќе дојде во Охрид за да го продолжи дијалогот со Приштина, но додаде дека формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО) е „единственото нешто“ за кое не може да се разговара во понатамошниот дијалог.
Вучиќ повтори дека формирањето на ЗСО „е услов без кој не се може“, бидејќи документот што го регулира тоа прашање е веќе потпишан во Брисел.
„Ако сакате – сакате, ако не – не, само не ни одземајте време. Малку сум загрижен што сите молчат и никој не реагира. Тоа е нешто што прави сè бесмислено. Зошто ме поканивте на свадбена веселба, а никаде ги невестата или младоженецот“, рекол Вучиќ одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Власинското езеро.
Вучиќ навел дека пред да замине за Охрид го очекува специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак во Белград, но и дека не знаел за какви модели на ЗСО зборува пратеникот на Унијата.
„Ќе одам во Охрид, не би оставил можност да не претставуваат како некои лудаци или како некој што не сака да преговара. Само некој треба да ми објасни што е значењето на се“, рекол претседателот на Србија.
Најавениот состанок меѓу Курти и Вучиќ е на иницијатива на шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел. Негов е и изборот состанокот на високо ниво во рамки на дијалогот Белград – Приштина да се одржи во Охрид.