Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, им се обрати на граѓаните од Брисел каде денеска разговараше со еврокомесарот за надворешна политика Жозеп Борел, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак и премиерот на Косово Албин Курти.
„Вообичаено тешка средба, а верувам дека ќе има уште многу средби во наредниот период. На 18-ти, треба да се видиме во Северна Македонија, кога господинот Борел ќе го посети регионот. Дотогаш со Лајчак треба да разговараме за работи за спроведување“, рече Вучиќ.
Тој вели дека во документот на ЕУ ќе се нагласи неопходноста од почитување на претходните договори.
„Мислам дека Курти не беше подготвен да го прифати тоа сега, ќе видиме дали ќе го прифати во иднина. Се надевам дека е можно да се дојде до некакви компромиси, но се плашам дека ќе останеме заглавени во нешто што одамна требаше да се исполни“, истакнува тој.
Вучиќ вели дека за разлика од медиумските приказни, немало ништо посебно во разговорите.
„Курти дојде со идеја да се потпише нешто, но за тоа не се ни разговараше. Очекувам да го видам планот за имплементација кој се однесува на претходно остварени обврски. Што се однесува до патоказот, на него треба да се работи. Тоа е имплементацијата. И на почетокот на тој патоказ мора да има ЗСО, што некој нема да го исполни“, вели тој.
Претседателот посочува дека ЗСО е на прво место, без разлика што е во прашање.
„Зборуваа дека сум дошол да потпишам. Оставете ги глупостите, но фала на прашањето, бидејќи видов дека се води кампања против ЗСО и утре ќе зборувам за да видат луѓето што е потпишано. Постојат 22 принципи кои се од клучно значење за нас. Ако некој не го разбира тоа, тогаш не ја разбира реалноста“, рече Вучиќ.