Вучиќ задоволен од средбата со Макрон, ништо од средбата со Курти

од Nikola Popovski
214 прегледи

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е задоволен од средбата што ја имал со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз и посочи дека тоа е најважната средба од сите во француската престолнина. Тој рече дека со Макрон разговарал и за ситуацијата на Косово, но дека не може да зборува за детали.

„Ми се чини дека почитува што не го лажам и дека ја кажувам вистината и дека го правиме тоа што го кажуваме. Верувам дека можеме да потпишеме големи работи во Белград кога ќе дојде, ќе има многу детали за кои ќе разговараме. Денеска не е моментот за сите“, изјави Вучиќ.

На прашањето дали Макрон дал некаков предлог за решение на ситуацијата на Косово, Вучиќ рече дека Србите од Косово во официјалното соопштение јавно напишале какви се условите за враќање во институциите, но дека „сме далеку“ од тоа.

„Добра средба од аспект на нашите билатерални односи, некои други односи, но не можам да зборувам за се“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека на Макрон му ги покажал документите за табличките во кои стои дека е можно да се користат статусно неутрални таблички „KS“ покрај „RKS“ што ги бара Приштина.

Вучиќ на новинарите во Париз им рекол дека во август во Брисел се зборувало за претстојниот проблем со личните карти и регистарските таблички и дека Србија тогаш предложила за лични карти „нешто што не ни е лесно, но е во рамките на нашата политика и Отворен Балкан и се друго што е невозможно некој да одбие, да ја надмине таа ситуација“.

„Околу табличките тоа е невозможно. Тогаш ми рекоа, те молам претседателе, направи го тоа, ние ќе се грижиме за нив, наша работа е да го убедиме (премиерот на Косово Албин) Курти да се реши тоа поинаку. И ништо не беше решено“, рече тој.

Кога станува збор за евентуална средба со косовскиот премиер Албин Курти во Париз, Вучиќ вели дека имало можност за средба и дека секогаш е подготвен, но не верува дека тоа ќе се случи.

На новинарско прашање за наводниот план од три точки за решение на ситуацијата на Косово, чија суштина е дека двете страни го прифаќаат германско-францускиот предлог и дека Србија се согласува во рамките на тој предлог да разговара за обединување на српските општини, Вучиќ праша „што мислите дека некој ни дава нешто што треба да го добиеме во некаков конечен договор, а тоа е првото нешто што требаше да се почитува во првиот договор“.

„Нема врска со тоа“, изјави Вучиќ.

„Вучиќ денеска допатува во дводневна посета на Париз, при што ќе присуствува на Парискиот мировен форум, а покрај Макрон, меѓу другите, ќе се сретне и со шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, како и со Специјалниот претставник за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак“, соопшти Претседателството на Србија.

Главна тема на средбите на Вучиќ со Макрон, Борел и Лајчак треба да бидат прашањата поврзани со дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите, вклучително и француско-германскиот план за Косово.

Слични содржини