Српскиот претседател Александар Вучиќ пристигна во Охрид каде денеска ќе се одржи средба на високо ниво во рамки на дијалогот Белград-Приштина.
Премиерот на Косово, Албин Курти посочи дека на средбата што ќе се одржи денеска во Охрид, страните во дијалогот треба да изразат надеж и оптимизам за нормализација на односите и дека средбата треба да се сфати посериозно.
„Мораме да изразиме надеж и оптимизам за целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Одржуваме состаноци на високо ниво, со посредство на ЕУ. Европскиот предлог е најважниот политички и економски проект и најважниот историски и геополитички проект на Европа и би рекол за целиот свет по завршувањето на Втората светска војна. Затоа средбата треба да се сфати многу посериозно. Повторувам дека ќе бидам посветен, конструктивен и креативен, но се разбира, тоа не можам да го гарантирам за другата страна“, рече Курти.
Вучиќ синоќа изјави дека поради налогот издаден од Меѓународниот кривичен суд во Хаг за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, позицијата на Србија во Охрид ќе биде потешка и дека ќе мора уште „повнимателно да размислуваме за секој наш потег во иднина“.
Претседателот на Србија рече дека сака да разговара за нормализација на односите и дека Србите и Албанците можат нормално да разговараат и повтори дека нема да потпише ништо во Охрид.