Денес по средбата со претставниците на ЕУ, САД, Франција, Германија и Италија во Белград, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија е подготвена да го прифати концептот и да работи на имплементација на предложениот договор за косовското прашање.
„Под овие и такви услови побаравме од претставниците на САД, Франција, Германија, Италија и ЕУ да ни помогнат на сите да ги надминеме турбуленциите со кои се соочуваме на Косово и Метохија, бидејќи сметаме дека е крајно време да се формира Заедница на српски општини, која не само што беше ветена, туку и потпишана пред 10 години“, изјави Вучиќ.
Додаде дека се работи за итност и дека дури потоа е можно да се разговара и да се вратат Србите во институциите, како и „некаква нормализација на ситуацијата“, но и дека во наредните денови ќе имаат консултации со членовите на Владата, Парламентот и други важни општествени групи.
Вучиќ рече дека разговорите биле многу тешки, дека „немало ниту слатки, ниту убави разговори“, но дека „дал се од себе за да ја заштити Србија“, што, додаде, „ќе продолжи да го прави барем уште некое време“.
Претседателот на Србија истакна дека сите на средбата се согласиле дека „замрзнат конфликт“ не е решение.