Вучиќ и Ердоган за БиХ: Најважно е да се зачува мирот и стабилноста

од Берта Китинска

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави во Анкара дека стабилноста, мирот, разговорите и почитувањето на Дејтонскиот договор се од суштинско значење за Босна и Херцеговина.

„Ми се чини дека добро се разбираме по тоа прашање (со Турција). „Му кажав на претседателот Ердоган дека Србија го почитува интегритетот на БиХ и нагласуваме дека е важно да се почитува интегритетот на Република Српска во рамките на БиХ“, рече Вучиќ на прес-конференцијата по средбата со Ердоган во Анкара.

Вучиќ истакна дека Србија нема да се откаже од таа политика, која, како што посочи, е во согласност со Дејтонскиот договор.

„Ние наоѓаме заеднички јазик со Турција и ќе се трудиме секогаш да го наоѓаме во иднина“, додаде тој.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека поддршката што Србија ја дава на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина е многу важна за мирот и стабилноста во целиот регион.

Ердоган рече дека „императив е сите страни да се воздржат од преземање чекори што му штетат на територијалниот интегритет на БиХ и сите да се однесуваат одговорно“.

„На средбата уште еднаш силно и одлучно го потврдивме значењето што им го придаваме на мирот и стабилноста на Балканот. Разменивме мислења за политичката криза во БиХ. Очигледно е дека треба да работиме заедно со меѓународната заедница за да се надмине ова криза“, рече Ердоган.

Тој рече дека Турција ќе продолжи да прави напори и ќе направи се „за да ги намали тензиите на Балканот“.

Слични содржини