Српскиот претседател, Александар Вучиќ изјави дека високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини не е одговорна за прекинот на дијалогот помеѓу Белград и Приштина, туку за тоа можат да бидат виновни само Белград и Приштина.

„Нека размислат добро во Приштина кој е виновен. Нека размислат добро кој сакаше договор, а кој не“, изјави Вучиќ Радио-телевизија Србија (РТС). Тој изрази надеж дека Приштина во иднина ќе сфати дека со насилнички мерки не може да постигне ништо.
Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај вчера изјави дека шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини е одговорна за прекинот на дијалогот помеѓу Белград и Приштина, бидејќи разговорите за нормализација на односите ги претворила во разговор за територии.