Претседателот на Србија Александар Вучиќ вечерва изјави дека му се чини дека сите на Балканот со многу омраза го чекаат „второто полувреме“, но дека граѓаните на Србија се тие кои мора да ја избегнат војната по секоја цена. Тој додава дека годинава не отишол во Сребреница бидејќи таму не бил добредојден.
Зборувајќи за 11 јули, Денот на сеќавање на злосторствата во Сребреница што се случија пред 27 години, Вучиќ рече дека тоа бил објективно тежок ден, ден на тешко злосторство против Бошњаците.
Вучиќ додаде дека оваа година имало пожестока кампања и многу поголема омраза насочена кон српскиот народ и, како што вели, „за жал, повеќе погрешни одговори од медиумите и политичкиот дискурс за нашата одговорност“.
„Во услови на глобална војна, бидејќи целиот западен свет е во војна со Русите преку Украинците, се разбира дека има големи промени и на оваа област во ситуација која не е едноставна. За жал, се чини дека сите на Балканот го чекаат „второто полувреме“, со многу омраза, но ние (српските граѓани) сме тие кои мораме да ја избегнеме војната по секоја цена“, рече претседателот на Србија во гостување на ТВ Пинк.
На прашањето зошто годинава не отишол во Сребреница, Вучиќ рече дека отишол пред седум години и дека тогаш рекле дека тоа е провокација.
Тој истакна дека мора да се зачува мирот во регионот.
„Мора да избегнеме војна по секоја цена, мора да го избегнеме „второто полувреме““, повторил Вучиќ.