Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на својот официјален Инстаграм профил објави дека последните анализи се во тек пред потпишување на договорот за изградба на брза пруга Белград-Ниш-Прешево. Иако изградбата на таа модерна железничка делница, каде возовите би движеле до 200 километри на час, била најавувана неколку пати, датумот на почетокот на работите се уште не е познат. Она што е објавено, сепак, е нивниот крај – почеток на 2026 година.
Вучиќ најави изградба на брзата пруга од Белград до Ниш, се до Прешево и границата со Македонија, на крајот на април за време на посетата на Брисел. Како што рече, тој проект ќе биде делумно финансиран од европски фондови, а тој го најави неговото завршување за почетокот на 2026 година.
Модернизацијата на пругата од Белград до Ниш беше најавувана неколку пати, неколку пати беше споменувано дека тоа ќе го прават Кинезите, но на крајот ќе се направи со помош на Европската унија, која делумно ќе финансира проектот со најмалку 35% учество.
-Ние брзаме, бидејќи Србија мора да ја достигне развиената Европа и да ја потсети целата нација на фактот дека возовите постојат во Србија, дека тие се почисти и поубави од било кога, и дека нашите железници ќе бидат модерни и побрзи. Да живее Србија – напиша Вучиќ.
Да потсетиме, последен пат Вучиќ зборуваше за изградба на овој железнички коридор кога беше потпишан договорот за поддршка од ЕУ за Србија во управувањето со миграцијата. Потоа рече дека со изградбата на таа пруга, Ниш ќе стане апсолутен центар на Југоисточна Европа.