Претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа најави дека претстојната средба „Отворен Балкан“ во Тирана ќе донесе многу добри и важни заклучоци, многу придобивки за сите граѓани.
-Веруваме дека се приближуваме до она што многу ќе го олесни движењето не само на граѓаните кои би сакале да патуваат, туку и на бизнисмените и во протокот на стоки, услуги и капитал. Ќе ги поврземе нашите народи кои ќе имаат многу поблиски односи отколку во минатото, изјави Вучиќ во интевјуто за ТВ Пинк.
Во тој контекст, тој потсети дека денес Србија е призната од Македонците како нација и земја која е најблиска до Северна Македонија и нивните граѓани, и тој добрососедски однос мора да го градиме.
-Ние го прифаќаме нивниот јазик, нивната нација. Им посакуваме се најдобро, на Македонците, Албанците, Србите и сите граѓани на Северна Македонија. Ние сме единствените кои немаме никаков проблем со нив, додаде Вучиќ.
Тој истакна дека добил видео од албанскиот премиер Еди Рама од селанец од северот на Албанија кој на пазарот ги објаснува предностите на „Отворениот Балкан“. Селанецот, како што кажа, рекол дека многу му значи ако може со својата стока да оди во Белград.
-Знаете ли што се би можеле да извезуваме, многу повеќе, а што би извезувале би се сменило, затоа што можеме наместо суровини да извезуваме многу повеќе полупроизводи и финални производи, а тоа се повисоки цени, објасни Вучиќ.
Тој потсети дека на овој начин по вековни војни нордиските земји се поврзаа, што им донело само добро.