Вучиќ: Никогаш не сум го видел Беливук

од Stefanija Kuzmanovska
377 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес ги отфрли тврдењата на Вељко Беливук објавени од порталот „Крик“ за наводни врски со него, негираше дека некогаш го видел Беливук и најави дека наскоро ќе и се обрати на нацијата да презентира докази и да покаже на луѓето што навистина се случува.

Тој рече дека е логично убијците и касапите, кога ќе видат дека доаѓа обвинението и ќе ги видат доказите, да се обидат политички да излезат од сè, да добијат политичка поддршка како што ја добиле од одредени политичари.

На прашањето да го коментира материјалот на „Крик“ за тоа што Беливук и рекол на полицијата, споменувајќи луѓе од владата, Вучиќ истакна дека истиот „почитуван господин рекол дека не убил никого, ниту заклал“.

„Тие не ги споменаа оние со кои навистина се гледал, со кои соработуваа во и надвор од земјата. Никогаш не сум го видел тој човек во животот, ниту разговарал со него“, рече тој, пренесе Танјуг.

Вучиќ истакна дека, ако бил виден на која било локација или разговарал со нив, тој не само што бил подготвен да се повлече од функцијата претседател, туку и да се пријави и да остане во затвор до крајот на животот.

„Зошто избраа таков начин на одбрана – не го смислиле тие, туку оние кои им носат пораки. Ќе откриеме како мафијашките советници ги донеле тие пораки“, најави тој.

Тој коментираше дека Беливук и неговиот соучесник тврдат дека сторил сè во договор со него.

Според него, логично е сето ова да се случува затоа што Беливук и Миљковиќ се обидуваат да се стават на политичката мапа затоа што досега имале политичка поддршка во одредени медиуми.

„Сега очекувам Беливук да биде кандидат за претседател, а Марко „касап“ за премиер, бидејќи некои ги задолжија толку многу“, рече Вучиќ.

„Никогаш не сум ги видел, ниту сум се сретнал со нив“, потенцира претседателот и додаде дека државата има повеќе докази, меѓу кои е дека групата Беливук планирала уште едно убиство.

Обвинителството, како што вели, има доволно докази дека оваа криминална група, за која рече дека е најмонструозната, никогаш нема да излезе од затвор.

„Ќе видите сè што ќе покажеме, кога луѓето ќе видат што прават. Ова се „ситници“ досега. Официјално се товарат за пет убиства, а имаат 40“, рече Вучиќ и додаде: „Продолжете да лажете, нема да плаќам рекет или да се повлечам пред убијците и нивните политички помагачи“.

Слични содржини