Вучиќ – Палмер: Мирот и стабилноста на Западен Балкан се од суштинско значење

од Stefanija Kuzmanovska

Српскиот претседател Александар Вучиќ и специјалниот пратеник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан, Метју Палмер денеска преку видео врска разговараа за бројни регионални прашања, општата состојба во врска со пандемијата на коронавирус, мерките за закрепнување на економијата, како и за продолжениот дијалог со Приштина.

Соговорниците се осврнаа на моменталната состојба во врска со пандемијата, која остави сериозни последици по здравјето и животот на луѓето ширум светот, како и за глобалната економија. Вучиќ го информирал специјалниот пратеник Палмер за мерките што ги презема Србија со цел да го заштити населението, како и за текот на вакцинацијата на српските граѓани, објави Претседателството на Србија.

Солидарност и поврзаност

Палмер и честиташе на Србија за успехот во вакцинирањето, како и за помошта во вакцините доставени до земјите во регионот. Тој особено ја истакна важноста на ваквата регионална политика, која е насочена кон солидарност и поврзаност, нагласувајќи дека во времиња на предизвици, земјите треба да најдат можност да ја изразат својата подготвеност за соработка.

Двајцата соговорници разговараа и за целокупната регионална состојба и се согласија дека мирот и стабилноста на Западен Балкан се од суштинско значење за политичкиот и економскиот напредок на целиот регион.

– Србија е и секогаш ќе биде цврсто посветена на мирот, просперитетот и благосостојбата на сите луѓе кои живеат на Западен Балкан. Во таа смисла, нашата земја е постојано посветена на дијалог, солидарност, проекти и соработка насочена кон поврзување на народите, културите и економијата, кои сите заедно ќе придонесат за општа стабилност и подобар живот за сите – рече Вучиќ и додаде дека денешниот разговор бил, како и секогаш, отворен и информативен.

Тој изјави дека еден од надворешните политички приоритети на Србија е да се изнајдат решенија во иднина што би значеле подобри и поинтензивни билатерални односи меѓу САД и Србија.

Продолжување на дијалогот

Американскиот официјален претставник истакна дека еден од приоритетите на САД е стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и ја пофали конструктивната улога на Србија во регионалните иницијативи, како што е „малиот Шенген“ и бројните инфраструктурни проекти кои значително ќе го подобрат квалитетот на животот на сите граѓани во регионот и понатамошно зајакнување на регионалната економска интеграција.

Палмер истакна дека Соединетите држави го поддржуваат процесот предводен од Европската унија и додаде дека очекуваат дијалогот да продолжи наскоро, истакнувајќи ја важноста од спроведувањето на Бриселскиот договор и потврдувајќи ја посветеноста на САД за дијалог и разговори за спорни прашања.

Слични содржини