Вучиќ: Се приближуваме до голем воен конфликт, сега прашањето е каде се границите

од Stefanija Kuzmanovska
323 прегледи

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека сега е прашање дали за месец или два ќе влеземе во голем светски конфликт, каков што не сме имале од Втората светска војна.

„Претпоставувам дека од фазата на специјална воена операција се приближуваме до голем воен конфликт и сега се поставува прашањето каде се границите и дали по некое време, а можеби веќе за месец или два, ќе влеземе во голем светски конфликт, каков што не сме имале од Втората светска војна“, рече Вучиќ во телевизиски пренос од Њујорк за Радио-телевизија на Србија (РТС).

„За сите нас кои сме мали и би сакале да бидеме безбедни, нема убави и лесни вести за нас. Очекувам дека се што ќе видиме во наредниот период е усложнување на односите меѓу Западот и Русија, но и меѓу Западот и Кина“, додаде претседателот на Србија.

Вучиќ изјави и дека факт е дека Обединетите нации (ОН) денес „играат послаба улога во светот“ и дека големите сили „сè презеле на себе“.

„Денеска е најголемиот собир овде, не се сеќавам дека имало толку многу шефови на држави, што значи дека луѓето бараат некој излез и некаква надеж“, рече шефот на српската држава.

Наведе и дека во наредните седум до десет дена Србија ќе донесе важни одлуки со кои, како што наведува, ќе се запознаат граѓаните.

Вучиќ при своето учество се осврна и на обраќањето на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на вчерашната дебата, наведувајќи дека прогнозите на Гутереш се „мрачни“. Претседателот на Србија изјави дека „се плаши дека реалните прогнози се уште помрачни“.

„Мислам дека реалните прогнози мора да бидат уште помрачни и тој зборуваше за неколку кризи – од рогот на Африка до Авганистан, спомнувајќи ја најтешката во Украина, но ситуацијата е уште потешка“, рече Вучиќ.

Слични содржини